Аргентинската тениска репрезентација е победник во годинашното издание на Дејвис купот. „Гаучосите“ во финалето во Загреб ја совладаа Хрватска со 3:2, одлучувачката победа за нив ја забележа Федерико Делбонис кој во петтиот меч беше подобар од Иво Карловиќ со 6:3, 6:4, 6:2 за нешто повеќе од два часа игра.

Делбонис направи по еден брејк во првиот и во вториот сет, а во третиот дури два иако домашниот тенисер имаше солидни 60 отсто успешност на прв сервис. Аргентинецот, сепак, беше далеку поконстантен и освои 25 директни поени наспроти 24-те нефорсирани грешки. За разлика од него, Хрватот запиша само 13 винери и неверојатни 41 кикс.

„Коцкестите“ поведоа по победата на Марин Чилиќ против Делбонис во петокот со 3:2 (6:3, 7:5, 3:6, 1:6, 6:2). Следуваше одговор од Дел Потро кој го доби Карловиќ со 3:1 (6:4, 6:7, 6:3, 7:5) за израмнување на 1:1. Вчера Чилиќ и Додиг беа подобра двојка од Дел Потро и Маер со 3:0 (7:6, 7:6, 6:3) за водство со 2:1. Аргентинците денеска, сепак, успеаја да ги добијат двата меча во поединечна конкуренција за преземање на приматот во натпреварувањето. Пред ревавашкиот триумф на Делбонис, Дел Потро го совлада Чилиќ со 3:2 (6:7, 2:6, 7:5, 6:4, 6:3).

Ова е прв Дејвис куп трофеј за Аргентина по поразите во финалните дуели во 1981 година, во 2006 година, во 2008 година и во 2011 година.