Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков денеска пред новинарите потенцираше дека Русија е “уморна“ од обвинувањата на американските разузнавачи дека Москва стои зад сајбер-нападите врз Демократскиот национален комитет за време на претседателските избори.
Според него ова потсетува на “лов на вештерки“.
Песков го повтори ставот на Русија дека обвинувањата се беспредметни и нема докази за нив. Неговата реакција е првата официјална откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп го доби извештајот за нападите.
– Москва категорично одбива вина за хакерските напади. Неоснованите обвиненија кои не се поддржани со ништо се изведени аматерски и непрофесионално. Слично е како лов на вештерки, изјави Песков.
Минатата недела во интервју за Њујорк Тајмс, Трамп исто така ги опиша релациите Вашингтон-Москва за нападите како лов на вештерки.
По состанокот со Џејмс Клапер, шефот на Националната безбедност, Џон Бренан од ЦИА и Џејмс Коми од ФБИ, новоизбраниот претседател рече дека истиот се одвивал конструктивно и дека во 90 дена откако ќе влезе во ОВалната соба, ќе бара начин како да се справат со хакерските напади.
Но и покрај тоа што актуелниот претседател Барак Обама неодамна избрка 35 руски оперативци од САД, Трамп одби вината да ја посочи кон Русија.