ДУИ ни вечерва не донесе одлука со кого ќе коалицира во составување на мнозинство за формирање на нова влада. Лидерот на партијата, Али Ахмети, по завршување на 10-часовниот состанок во Мала Речица, кусо изјави дека сите опции се во игра и состанокот продолжува утре.
„Нема договор со кого одиме во коалиција, се разгледуваат сите опции за што е можно подобра одлука во корист на Албанците, Македонците, Србите, Ромите, Власите. Се разгледуваат сите опции..“, изјави Ахмети.
На прашањето на новинарите дали потпретседателот Невзат Бејта е во СДСМ, Ахмети не даде конкретен одговор,
„Јас сум претседател на партијата и знам секој во секое време каде е и со кои обврски ги праќам“.
По завршување на средбата на претседателството на ДУИ, изјава даде и портпаролот на партијата, Бујар Османи, кој рече дека состанокот продолжува утре во 14 часот.
„Состанокот и седницата на претседателството продолжува утре. Се уште не се исцрпени сите аргументи по однос на опциите коишто ги ставено ДУИ на маса. Консултациите продолжуваат, полека сите аргументи се сведуваат на утврдувањето на платформата на ДУИ и условите кои што се поставени, така да ќе очекуваме реакција на политичките партии во однос на тие услови коишто ДУИ ги има поставено“, рече Османи.
За време на средбата во Мала Речица, тројца од потпретседателите, Невзат Бејта, Теута Арифи и Изет Меџити, го напуштија состанокот и заминаа во седиштето на СДСМ за да го запознаат лидерот на партијата, Зоран Заев, со условите на ДУИ за коалицирање. Османи демантира дека има раскол во партијата, туку рече дека има различни аргументи по однос на опциите, но немало тензичност, туку само конструктивна дебата.