Убеден сум дека штом Иванов ни го даде мандатот, ние ќе составиме влада, одговори денеска на новинарско прашање лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Иванов не чекаше некој да му даде доказ дека има мнозинство и се пушти да го даде мандатот на ВМО-ДПМНЕ, но бидејќи тие не успеаја да состават влада, логично е нам да ни го даде мандатот. Убеден сум дека ќе успееме да составиме влада“
Заев не одговори конкретно на прашањето како е реагира СДСМ, доколку Иванов не им го додели ним мандатот за состав на влада.
„Апелирам Иванов да го додели мандатот, само тоа е уставно и очекувано. Постојат други решенија, но јас не би сакал да го коментирам заради тоа што секогаш има одговор на нешто што е непринципиелно, незаконски и неуставно. Граѓаните веќе се видоа, секој што се обиде да го крши уставот и да прави нешто што не е во нормала веднаш има контрареакција и повторно процесите се враќаат назад“, рече Заев.
Одговарајќи на прашањето, кој е ставот на СДСМ за платформата на Албанските партии, лидерот на партијата, рече дека штом го добијат мандатот, ќе ги соопштат ставовите по ова прашање.
„Во еден наврат реков дека имаме суштински и суштествен став по Платформата на Албанските партии. Јас се надевам дека ќе го добиеме наскоро мандатот за да ги соопштиме ставовите. Ние се залагавме за едно општество за сите. Нашиот став е граѓанинот во центарот на вниманието на идната влада“, одговори Заев.
Заев денеска на прес конференција апелираше Иванов да го додели мандатот на СДСМ, затоа што се покажа дека Груевски нема мнозинство за формирање влада.
„Очекувам Иванов да ми го додели мандатот оти се друго би било кршење на Уставот. За сите е јасно дека граѓаните гласаа за промени. На Македонија и е потребна влада што ќе ги обедини граѓаните наместо да ги дели. Потребна е влада која ќе го подобри квалитетот на животот за сите и влада која ќе ги определи стратешки интереси на патот кон ЕУ и НАТО. Ние сме подготвени за формирање на влада која ќе ги спроведе договорите од Пржино и Итните реформски приоритети исклучиво во служба на граѓаните, порача лидерот на СДСМ“, рече Заев.