Илија Несторовски повторно се истакна како одлучувачки фактор за Палермо. Македонскиот напаѓач го постигна деветтиот гол во Серија А сезонава што беше доволен за триумф на сицилијанците против Кротоне (1:0) во дербито на дното на 23. коло. Единствениот гол на „Ренцо Барбера“ го постигна во 27 минута по асистенција на Ембало. Несторовски беше стартер, како и Александар Трајковски, и беше заменет во судиското екстра време за разлика од репрезентативниот колега кој беше повлечен од игра во 75 минута.
Палермо е 18-ти на табелата со 14 бода, осум помалку од Емполи на позицијата што обезбедува опстанок во Серија А. Несторовски беше стрелец против Кротоне и во средбата од првиот дел во сезоната што заврши 1:1.
Голеада на Лацио, шоу на Пароло
Лацио како гостин ја совлада Пескара со 6:2 во еден од двата најефикасни натпревара во ова коло и остана во игра за местата што водат во Европа. Херој на лацијалите беше Марко Пароло кој постигна четири гола за римските небесно-сини. Индивидуалното шоу го започна во 10 минута, го заврши во 77-та. Погоди и во 14 минута и во 49 минута. Голови против фенерџијата прославија и Кеита во 57 минута и Имобиле 69 минута.
Осум гола имаше и во Болоња каде Наполи го декласира истоимениот домаќин со 7:1.
Џенова загуби пред своите навивачи од Сасуоло со 0:1. Гостите поведоа преку Пелегрини во 26 минута и до крајот успеаја да ја одбранат сопствената мрежа. Горан Пандев се најде во почетниот состав на домашните и одигра 68 минути.
Јувентус го совлада Интер
Јувентус го победи Интер со 1:о во дербито на 23 коло и остана на плус шест од Наполи на лидерската позиција на табелата. Голот за три бода на „старата дама“ беше дело на Квадрадо во 45 минута. „Нероазурите“ го завршија гостувањето со играч помалку. Во петтата минута од судиското продолжение беше исклучен Хрватот Иван Перишиќ.
Серија А, 23 коло
Јувентус – Интер 1:0
Палермо – Кротоне 1:0
Пескара – Лацио 2:6
Џенова – Сасуоло 0:1
Емполи – Торино 1:1
Киево – Удинезе 0:0
Аталанта – Калјари 2:0
Милан – Сампдорија 0:1
Болоња – Наполи 1:7
Табела: Јувентус 54, Наполи 48, Рома 47 (-1), Лацио 43, Интер 42, Аталанта 42, Фиорентина 37 (-1), Милан 37 (-1), Торино 32, Сампдорија 30, Удинезе 29, Киево 29, Болоња 27 (-1), Сасуоло 27, Калјари 27, Џенова 25, Емполи 22, Палермо 14, Кротоне 13 (-1), Пескара 9.