Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов, да не му го додели мандатот за состав на влада го оцени како државен удар.
На денешната прес конференција, Заев рече дека Иванов само ја внесува државата во подлабока криза.
„Иванов ја внесува Македонија во длабока криза со последици по граѓаните. Прави уставно државна криза и покрај собраните потписи спречува легален и легитимен премин на власта. Иванов е соучесник на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Сакам јавно да порачам. СДСМ и јас нема да дозволиме никој да си игра со државата за лични, политички и криминални цели“, рече Заев.
Тој апелираше граѓаните да не потпаѓаат под никакви притисоци и да не дозволуваат Груевски и Иванов да си играат со нив.
„Сето ова што сега се случува сме го виделе од Груевски и неговите соработници. Иванов мора да ја повлече оваа одлука и да го додели мандатот за формирање на новата влада. Не смее да ја игнорира граѓанската волја и да ги кочи, државните, граѓанските и уставните процеси на државата. Досега видовме дека има решение за се, па така ви кажувам дека има решение и за ова“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека денеска со лидерот на ДУИ, Али Ахмети требало да имаат прв состанок по добивање на мандатот.