НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Јово Вангеловски дозволил Апелација да одлучува за притвор на сопруга на апелациски судија

0
By Нова ТВ on December 15, 2019 ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Љубиша Арсиќ

Изминува третата година од владеењето на СДСМ и ДУИ, но исто толку време помина како владејачката ДУИ и опозициската ВМРО ДПМНЕ, во неформална коалиција продолжија да владеат со правосудството. Последниот случај со изборот на членови на Судскиот совет е пример како функционира неформалната коалиција Мицковски – Ахмети.

Кандидатот на ДУИ, Селим Адеми беше изгласан во Комисијата за избори и именувања од страна на пратениците на ДУИ, на СДСМ, но и на ВМРО ДПМНЕ. Предлогот на СДСМ, Павлина Црвенковска да стане член на Судскиот совет наиде на отпор кај ВМРО ДПМНЕ и таа со нерешено гласање, односно без гласовите на пратениците од опозицијата, не го помина комисискиот филтер.

За да биде уште поочигледна коалицијата ВМРО – ДУИ кога станува збор за избор на кадри во судството, или пак за одредени предмети, Илија Димовски, претседателот на комисијата, експресно во еден здив, го поништи конкурсот за избор за членови на Судскиот совет откако Црвенковска не беше изгласана. Инаку, конкурсот беше објавен за две места во Судскиот совет, едно за македонска, другото за кандидат од албанска националност. Но, секогаш поснаодливата ДУИ си договори избор само на својот фаворит преку наклонетата опозиција.

Местото за предлогот на СДСМ остана празно до наредниот конкурс. Ако СДСМ не реагира брзо, како Димовски при поништување на стариот, и не објави нов конкурс, тогаш ризикува во иднина тоа место во Судскиот совет лесно да го лапнат коалиционите судски партнери. Паметно би било СДСМ да не го дозволи тоа.

Пред да замине, ги потврди релациите со ВМРО ДПМНЕ

Но, примерот со кандидатите за Судски совет е како последица на сето она што се случува низ правосудството изминатите години, особено откако СЈО започна со судски процеси против функционери на ВМРО ДПМНЕ, но не и на ДУИ. Со тоа се докажува двојната улога на партијата на Ахмети. И се додворува и ја уценува СДСМ за нивните функционери да останат неосудени, како Бујар Османи на пример, а зад сцената флертува со ВМРО ДПМНЕ.

Со еден збор – играта е многу поголема од изборот на членови на Судски совет. Да потсетиме дека токму Судскиот совет едвај успеа во септември, да го разреши Јово Вангеловски од врховен судија и од позицијата претседател на Врховен суд. Но, тој заминува од функцијата скандалозно. Извори од Врховен пренесуваат дека лично тој, како што предвидуваат законските правила, донел одлука со која овозможил совет во скопска апелација да одлучува за притвор на сопруга на судија во истиот суд. Ова е случај каков што не памети судската пракса.

Имено, за досието „Шпански скали“ неколкумина беа притворени, меѓу кои и Емилија Радојкова, државна праворабнителка, избрана во 2011 година, но и Димитар Димовски, член на Извршен
комитет на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Митревски, претседател на општинскиот комитет на Аеродром од истата партија, Миле Јанакиевски и уште неколкумина други. Кога притворот на Радојкова стигнал во скопска апелација, судии од тој суд побарале од Врховен да бидат изземени од случајот затоа што сопругот, Ѓоко Радојков, е судија токму во овој суд.

Но, иако правилата во вакви случаи налагаат да се делегира надлежност на друг апелациски суд, на изненадување на јавноста, но не и на ВМРО, Вангеловски носи скандалозна одлука – дозволува апелациските судии да одлучуваат за притворот на Радојкова и очекувано, заради колегијалност кон сопругот таа завршува надвор од притвор. Надвор се и другите споменати функционери на ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, досието „Шпански скали“ обвинува дека се склучувале договори за отуѓување на земјиште во сопственост на државата, односно четири локации за изградба на хотелски комплекси, како и познатите „Шпански скали“. Инвеститорите, иако имале одобрение, сепак никогаш не започнале со градежни активности.

Инаку, на Радојкова, покрај сопругот кому му пропадна планот да биде претседател на Основен суд Скопје 2, во скопска апелација е вработена и нејзината ќерка како стручен соработник, што го прави случајот двојно контроверзен. Радојкова се поврзува со Илија Димовски преку нејзиниот избор во Комисијата за избори и именувања, за член на второстепената комисија во управна постапка.

Дали Вангеловски е првата причина?

Да се навратиме на Јово Вангеловски. Судскиот совет му утврди случај со несовесно постапување, го укинал притворот на Сеад Кочан, заедно со други двајца судии, односно постапувал по барање за заштита на законитоста од обвинителот Ацо Колевски од Јавно-обвинителскиот совет, иако не постоела законска одредба дека Јавното обвинителство може да интервенира во одлуки на
СЈО. Освен Вангеловски, во жалбена процедура се и врховните судии Ристо Катавеновски и
Рахилка Стојковска, кои настрадаа за истата одлука со Кочан.

Инаку, и Советот на јавни обвинители, кој ја има истата улога како Судскиот, да избираат и да разрешуваат, е во доминатен состав на членови избрани со подршка на ВМРО, а во моментот само еден член е Албанец. Вангеловски налутен за дисквалификацијата и за срамниот крај на судската кариера, не го остава случајот затворен, очекува дека врховните судии ќе му излезат во пресрет
и ќе го спасат.

Жалбената постапка по одлуката на Судскиот совет сега е во Врховен, таму ќе одлучува комисија засилена со судии од четирите апелациски судови, иако мнозинството ќе го имаат врховните, но кога? – Извори од Врховен коментираат дека се прават обиди за одржување на седницата, но тешко оди. Постоеле големи политички притисоци врз судии за конечната одлука за
Вангеловски.

Ова е еден од случаите за пазарење на ВМРО и ДУИ. Како? – ВМРО ДПМНЕ ќе стори се да го заштити Вангеловски кој е во кумска релација со екс-спикерот Трајко Велјановски, но и затоа што, како што се слушаше на прислушуваните снимки, Јово беше ударната тупаница на партијата во
судството. Дури во последните снимките за кои се тврди дека е снимен Орце Камчев зборува како Вангеловски го пуштил од притвор.

Сега сигурно нему и на ВМРО им е повеќе од важно како да се спаси судијата што извршувал партиски налози, а тоа е можно само со гласови на судиите Албанци кои би завршиле како членови на комисијата, а врз кои ДУИ има контрола, затоа што и тие напредувале со партиска помош, а тоа значи дека слушаат директиви од врвот на партијата. Значи, врската во судството на ВМРО и ДУИ не смее да се прекине.

Големи вмровци се во рацете на ДУИ

А таму, во Врховен, е случајот и со затворската казна за Гордана Јанкуловска. Таа е осудена на четири години, откако Апелација и ги намали првичните шест, за купувањето на луксузниот мерцедес во МВР, за кој пак Никола Груевски е осуден на две години, а таа пресуда беше причина тој да побегне во Будимпешта.

Пресудата на апелација е конечна и Јанкуловска мораше да оди во затвор, но надвор од вообичаената пракса, исто како во случајот со Владо Бучковски за тенковските делови на АРМ, Врховен дозволи таа да не ја издржува казната се додека врховните судии не се изјаснат за предметот, односно пресудите на пониските судови. Измината е половина година, но Врховен нема одлука за Јанкуловска.

Ако се следи случајот со Бучковски, нема воопшто да е изненадување ако истото се повтори. Бучковски не замина две години во затвор, а додека врховните судии мудро тактизираа со одлуката стана доцна за ново судење за тенковските делови, како што реши Врховен на крајот. Истата тактика сега се применува и за Јанкуловска, но повторно значајни за ВМРО се судиите на
ДУИ. Од една страна колку е можно подолго да нема одлука за екс- министерката на полицијата, за на крајот и да се одлучи нешто, тоа да биде во договор на партиите. Ова е уште еден случај во кој зависноста на Мицковски и Ахмети е очигледна.

Од оваа дистанца се отвора и прашањето дали прекинувањето на парламентарната седница од страна на Талат Џафери, на која на дневен ред беше одземањето на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски, е дел од играта на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Прво, несериозно е толку сериозна точка да започне во 21:30, а да се очекува дека до полноќ ќе се изгласа. На крајот, пред полноќ, кога седницата беше претворена во хаос со надвикување и тензии, прв салата ја напушти токму Џафери со што ја прекина седницата.

Оттогаш наваму изминаа 10 месеци, Велјановски го има имунитетот, а судскиот процес во кој
одговара за организирање на насилниот упад во парламентот на 27 април во 2017 година со уште неколкумина сопартијци, никако да започне. Одбранбениот штит на ВМРО или на Велјановски практично го носеа пратениците на ДУИ, односно Талат. Инаку, наколнетоста на Џафери кон Димовски се илустрира и со примерот со писмата кои спикерот ги праќа на судијата Шабани со цел постојано да го оправдува отсуството на пратеникот од судница под изговор дека има службени обвски во параментот. И така до недоглед.

Осман ага 

Но, навидум едноставните услуги на ДУИ кон ВМРО ДПМНЕ ќе стигнат за наплата. ДУИ е позната по тоа, не простува никому ако не извлече полза од дилот. Таа го жртвуваше и уставниот судија Насер Ајдари, познат и признат кадар на ДУИ, со брз напредок во кариерата, кој мораше да се согласи со останатите судии со вмровска провиненција дека незаконската аболиција на Ѓорѓе Иванов може да се примени врз гонетите од СЈО. За среќа, таквата иницијатива е привремено прекината во надеж дека нема одново да се повампират уставните судии и по налог на партиите кои незаслужено ги поставиле таму, повторно да ја отворат точката.

За крај, интересен феномен е судијата Осман Шабани. Преку неговиот случај ВМРО и ДУИ ќе покажат дали навистина сакаат правна држава и епилог во предметите на СЈО, или пак ќе го искористат судијата за да ги спасат обвинетите функционери на ВМРО ДПМНЕ. Овој судија, покрај неколкуте други предмети на СЈО, го води и предметот „Талир“ преку кој пратеникот Илија
Димовски, како и Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски и Никола Груевски, незаконски ја финансирале партијата и „испрале“ пет милиони евра. Одново постои релација ДУИ (судијата) и ВМРО (обвинетите).

Е сега, Шабани има конкурирано на огласот за апелациски судија кој никако да заврши подолго од година. И последниот обид за избор на шестмина судии пропадна во Судскиот совет, според информациите, заради неусогласеност на ставови и притисоци. Но, што ако биде избран? – Тоа значи дека предметите како „Титаник“ за изборни измами и „Талир“ за црните пари на ВМРО што кои му се доверени ќе мора да стартуваат од почеток.

Тоа е одлична прилика за обвинетите од ВМРО да купат време. Во спротивно, ако не биде избран за повисок судија, тогаш очекувано е дека ВМРО преку ДУИ ќе настојува судењата што подолго да траат и ако тоа е неможно до бесконечност, тогаш да им се изрече најмалата можна санкција. Уште еден случај во Судскиот совет што ја става на тест или ја потврдува судската коалиција е врховната судијка Лидија Неделкова. Извори од таму коментираат дека членовите, предлозите на ДУИ во Судски совет, и понатаму се противат на иницијативата за разрешување на Неделкова.

Како и да е, овие две партии не може толку лесно да се збогуваат од судско-љубовната врска. Колку и да сакаат јавно да остават впечаток дека не се поднесуваат и дека не местат ништо, односно дека се е случајно и според закон, сепак интересот и опстанокот им ја надминува лошата глума. И да, дека на ВМРО и ДУИ им е важно празното место во Судскиот совет, кое беше очекувано дека ќе
и припадне на Павлина Црвенковска, кадар од судството, со искуство повеќе од две децении, и дека ќе направат се да го остават такво што е можно подолго со крајна цел да наместат свој кадар.

За тоа говори и фактот дека на истата седница на Комисијата за избори и именувања, поминаа предлозите на ДУИ и на СДСМ за членови во Агенцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и секаде онаму каде што Мицковски и Ахмети немаат голем интерес како оној во судството – спас за криминалците.

Апелација ВМРО-ДПМНЕ ДУИ Јово Вангеловски судство Шпански скали
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Абдиџику: Изборот на Баша за претседател на косовскиот Парламент е победа на незнаењето

August 26, 2025

Една четвртина од светската популација нема пристап до безбедна вода за пиење

August 26, 2025

Пукотница на селски имот во Австралија, двајца полицајци се убиени

August 26, 2025

Трамп: Америка ќе ја поддржи Украина, сакам таа војна да заврши

August 25, 2025

Евростат: Италија, Шпанија и Франција се европски лидери во производство на зеленчук

August 25, 2025
ФОКУС

Израелската војска уби новинари засолнети во болница во Газа

ВЕСТИ August 25, 2025

Најмалку 15 лица, вклучувајќи четворица новинари, беа убиени денес во израелските напади врз болницата „Насер“…

Кијив: Украина денеска ја одбележува својата независност

August 24, 2025

Украински напад со беспилотни летала врз Санкт Петербург

August 24, 2025

Пекинг: Кина е подготвена да испрати војници во Украина, но само под мандат на ОН

August 24, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.