Фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ бележи раст на консолидираните продажби од 13 отсто, раст на консолидираната нето добивка од 18%, на инвестициите во износ од над 1 милијарда денари и 218 нови вработувања. Ова се податоци што се нотирани во соопштението на компанијата за периодот јануари-декември во 2019 година.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех за минатата година, продажбите достигнуваат 8.428.009.344 милијарди денари, што е за 12 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2018 година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 11.102.808.123 милијарди денари, што е за 13 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Продажби по региони и земји
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 8 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени во Македонија, додека 65 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто и на останатите пазари се остварени 3 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 268.202.851 милиони денари што е за двапати повеќе од 2018 година. Натаму следуваат Русија со продажби од 742.189.553 милиони денари што претставува раст од 91 отсто, Германија со остварени 75.689.421 милиони денари или раст од 57 отсто и Велика Британија со продажби од 315.923.440 милиони денари што е раст од 56 отсто во споредба со 2018 година.
Кај извозните пазари, пораст бележат и следните земји: Романија раст од 42 отсто, Украина со раст од 35 отсто, Бугарија со раст од 16 отсто, Косово од 16 отсто, Црна Гора од 9 отсто, Србија од 7 отсто, Словенија од 7 отсто, Хрватска 5 отсто, итн.
Продажби по групи на производи
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество имаат производите од сегментот Фармација и тоа 86 отсто. Најголем удел меѓу нив имаат ОТЦ препаратите со 22 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто, антибиотиците со 15 отсто, невролошките препарати со 13 отсто од вкупните консолидирани продажби, итн. Сегментите Хемија, Козметика и Билкарство учествуваат со вкупно 14 отсто во вкупните консолидирани продажби или, поточно хемија со 2 отсто, козметика со 8 отсто и билкарство со 4 отсто.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 1.774.492.371 милијарди денари што е зголемување за околу 20 отсто, додека единечната нето добивка изнесува 1.007.811.167 милијарди денари и зголемена е за 19 отсто. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) достигна
1.857.857.478 милијради денари што е раст за 19 отсто, додека нето консолидираната добивка е во износ од 1.015.259.965 милијарди денари и зголемена е за 18%.
На ниво на групација, нето профитната маржа за 2019 година изнесува 9,1 отсто, оперативната маржа е 10,8 отсто, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,7 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември во 2019 година изнесуваат 1.091.631.671 денари. Вложувањата, воглавно, се наменети за проширување на производните капацитети. Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производствени одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 метри квадратни кои, како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за добра производствена практика (GMP). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси две милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од три милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.
Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција што е планирана за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација. Со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот, во 2019 година започна реализација на проектот за гасификација на локалитетот „Алкалоид – Ѓорче Петров“. Проектот е вреден над еден милион евра, а неговата финализација е предвидена во текот на 2020 година.
Вработени
Во периодот јануари – декември во 2019 година во „Алкалоид“ се реализирани 218 нови вработувања во РС Македонија. Со тоа на крајот на декември лани во „Алкалоид АД Скопје“ работат 1.653 вработени додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 574 вработени или вкупно 2.227 вработени во групацијата. Со Одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, во март во 2019 година, одобрен и исплатен е регрес за годишен одмор на вработените во компанијата во висина од 27.709 денари
бруто, односно 24.938 денари нето додека во август во 2019 година, одобрено е зголемување на нето платата на вработените за 5,2 отсто почнувајќи од 1 септември во 2019 година со што просечната исплатена нето плата за декември во 2019 година достигна 46.686 денари.
Податоци за акциите
Акциите на „Алкалоид АД Скопје“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември лани се движеше од 8.200,00 денари до 11.901,00 денари или просечно 9.508,11 денари за една акција што претставува раст од 18 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2018 година. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 година надмина 17 милијарди денари.
Бизнис план
Остварените продажби и остварениот профит за 2019 година го надминаа бизнис планот што беше донесен со одлука на Управниот Одбор на „Алкалоид АД Скопје“ на седницата одржана на 27 декември во 2018 година. Бизнис планот, пак, за 2020 година е донесен со одлука на Управниот Одбор на „Алкалоид АД Скопје“ на седницата одржана на 27 декември лани и предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, раст од најмалку 7 отсто на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на проекциите за 2019 година.