Амбасадорот на САД во ЕУ Гордон Сондленд, кој сведочеше зад затворени врати во истрагата за отповикување на претседателот Доналд Трамп, го смени исказот и призна дека знаел дека воената помош на Украина е условена со тоа претседателот на земјата Володимир Зеленски јавно да каже дека отворил истрага за бизнисот на синот на Џозеф Бајден.
Оваа промена во однос на неговото претходно сведочење, кога тој тврдеше дека воената помош и истрагата за Бајден не се поврзани, Сондленд ја појасни со тоа дека неговото сеќавање е „освежено“ кога во истрагата ги слушнал исказите на двајца други сведоци, пренесува „Гласот на Америка“.
Сондленд го преиспита своето сведоштво во транскриптот, признавајќи дека во септември разбрал дека американската помош за Украина е поврзана со јавно ветување од украинските власти дека ќе ја истражат корупцијата во земјата.
Претходно сведочеше и отповиканата американска амбасадорка од Украина Мари Јованович која истакнала дека е „многу загрижена“ од коментарот на претседателот Доналд Трамп, кој во разговорот на Зеленски му вели: „Па, таа (г-ѓа Јованович) ќе помине низ некои работи“.
Сведочењето на Јованович е дел од документите што Демократите почнаа да ги објавуваат од сослушувањата што беа затворени за јавноста.
Од друга страна, Трамп и неговите приврзаници и натаму ги негираат наводите дека Белата куќа повлекла речиси 400 милиони американски долари воена помош, барајќи од Украина да објави информации што би му наштетиле на Бајден, можниот кандидат на демократите на претседателските избори следната година.
Трамп од 25 септември се наоѓа под истрага за можен импичмент во Претставничкиот дом на Конгресот, во кој мнозинството го имаат демократите, заради злоупотреба на функцијата со тоа што го условувал украинскиот претседател Зеленски да отвори истрага за синот на Бајден, во телефонски разговор што го откри свиркач. Белата куќа го објави транскриптот од разговорот. Свиркачот најави дека ќе сведочи.




