Поради продолжување на ковид-пандемијата која неповолно влијание врз општата економска состојба, како и поради појавата на енергетска криза што директно се одразува врз економската одржливост на радиодифузерите, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ќе обезбеди финансиска помош со цел да им помогне на радијата и на телевизиите во справување со негативните последици.

Донацијата ќе се реализира преку намалување на надоместокот за дозвола за телевизиско или радио емитување за 2022 година, пресметан согласно формулата утврдена во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова намалување, имајќи ги предвид финансиските можности на Агенцијата, изнесува 50 отсто од надоместокот за дозволата, порачуваат од АВМУ.

Агенцијата се надева дека оваа донација ќе придонесе за ублажување на последиците од кризата и ќе го олесни работењето на радиодифузерите, односно ќе придонесе за нивно непречено функционирање и наредната година.