Владите на ЕУ мора да работат на создавање на европски сили за брза реакција за да бидат подобро подготвени за идни кризи како оваа во Авганистан, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.

Во интервју објавено денеска, Борел за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ рече дека повлекувањето на американската војска од Авганистан по брза постапка, покажа дека ЕУ мора да ги засили напорите за изградба на заедничка одбранбена политика.

Мора да извлечеме поуки од ова искуство. Како Европејци не можевме да испратиме 6.000 војници на аеродромот во Кабул за да ја обезбедат областа. САД можеа, а ние не, нагласи тој.

Борел додаде дека ЕУ со 27 земји-членки треба да има „иницијална почетна сила“ од 5.000 војници. „Треба брзо да реагираме“.

Во мај, 14 земји на ЕУ, вклучително и Германија и Франција, предложија создавање таква армија, со можни бродови и авиони, за да им помогнат на странските демократски влади на кои им е потребна итна помош.