Во Брисел денеска се одржуваат четири меѓувладини конференции за пристапување во Европската Унија, што претставува прв ваков случај по повеќе од две децении.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го нарече денешниот ден „Супер вторник“, оценувајќи дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина прават значителен исчекор во евроинтегративниот процес.
Денешната динамика мора да се претвори во конкретни резултати на терен, изјави Кос по пристигнувањето на состанокот во Брисел.
Таа истакна дека ваков број меѓувладини конференции во еден ден не бил одржан повеќе од 20 години и оцени дека сите четири земји бележат значителен напредок.
Според Кос, Црна Гора останува најнапредната земја-кандидат, додека Украина и Молдавија го отвораат Кластерот VI, кој ги опфаќа областите од одбраната и безбедноста. Албанија, пак, за првпат привремено затвора преговарачки поглавја, а Црна Гора продолжува кон финалната фаза од пристапните преговори, со веќе затворени 18 од вкупно 33 поглавја.
Таканаречениот „Супер вторник“ се смета за еден од најзначајните денови во процесот на проширување на Европската Унија во последните години. Денешните конференции треба да потврдат нови чекори во преговорите на четирите земји-кандидатки и да испратат сигнал за продолжување на евроинтегративниот процес.
Меѓувладините конференции претставуваат формална рамка во која Европската Унија и земјите-кандидатки го потврдуваат напредокот во преговорите. Секое отворање или привремено затворање на преговарачко поглавје значи дека кандидатот ги исполнил потребните критериуми во одредена област, иако тоа не претставува завршување на целиот процес на пристапување.




