Бројот на луѓе на листите на чекање за јавниот здравствен систем во Британија достигна рекордно високо ниво од 7,1 милиони пациенти, покажаа денешните официјалните бројки, јавија британските медиуми.

Британската Национална здравствена служба (НХС) има долг список за чекање за прегледи вклучително и за рак, како и за рутинска и итна нега.

Листата на чекање за болничко лекување на крајот на септември се зголеми за 100.000 на 7,1 милиони луѓе, што е најголем број од почетокот на евиденцијата во август 2007 година.

Околу еден од 18 луѓе во регистарот чекаат повеќе од една година за болничко лекување, иако бројот на луѓе кои чекаат 18 месеци за лекување е намален за речиси 60 отсто за една година, објави НХС.

Службите за несреќи и итни случаи објавија нов пораст на бројот на луѓе кои мораат да чекаат повеќе од 12 часа за болнички кревет.

Како што јавуваат британските медиуми, се чини дека состојбата нема да се подобри, бидејќи медицинските сестри најавија штрајк, а зимата носи поголем притисок поради ширењето на сезонските вируси како што е грипот.

Кралскиот колеџ за медицински сестри го објави првиот штрајк ширум Велика Британија во 106-годишната историја на синдикатот поради зголемените животни трошоци.