Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Честит празник: Македонија го одбележува 2 август со протоколи и без масовни собири

0
By Нова ТВ on August 2, 2020 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Денот на Републиката, 2 август, на кој се празнуваат два историски Илиндена, 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, поради епидемијата ќе се чествуваат без масовни собири и културно-уметнички програми и со здравствени протоколи за заштита од Ковид-19 што ги утврди Комисијата за заразни болести и ги усвои Владата. „Победа за сите“ е заедничкиот лајтмотив на свеченостите што денеска ќе се одржуваат во Крушево, во Пелинце и во Скопје.

На чествувањето во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, а на чествувањето во Скопје што ќе биде на Скопската тврдина, ќе се обрати премиерот Оливер Спасовски. Одбележувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево е под покровителство на Собранието на Македонија и делегацијата ќе ја предводи потпретседателот Горан Мисовски. Дел од официјалната програма и годинава се содржините од Смилево со кои се чествуваат 117 години од Илинденското востание и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

Свеченоста на тврдината Кале во Скопје ќе почне со положување цвеќе на споменикот на слободата – „Сила, слава и победа“ и со интонирање на државната химна. На настанот ќе се обрати претседателот на Владата, Спасовски кој ќе предводи владина делегација во која ќе бидат и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за финансии, Нина Ангеловска.

На свеченоста на Кале ќе претходи положување цвеќе и на спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје, каде што владина делегација ќе предводи министерот за локална самоуправа, Горан Милевски во придружба на министерот без ресор, Музафер Бајрам и заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

Во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, каде што ќе се обрати претседателот Пендаровски, делегацијата на Владата ќе ја предводи вицепремиерката Мила Царовска, заедно со министрите за земјоделство и за информатичко општество, Трајан Димковски и Дамјан Манчевски и министерската без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Во Крушево, пак, каде што настаните ќе се одбележат под покровителство на републичкото Собрание, владината делегација ќе ја претставуваат вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. За настаните во Смилево, според најавата, владината делегација е составена од министрите без ресор Едмонд Адеми и Елвир Хасан и заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.

На спомен-обележјата цвеќе ќе положуват и делегации од други државни институции, од Армијата и Сојузот на борците, претставници на политички партии, здруженија, установи и организации.

Оваа година чествувањата се според протоколи и во услови на пандемијата со Ковид-19. Содржините на програмите се сведени на минимум, само со положување венци цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања и без традиционална културно-уметничка програма и народни собири на отворено, како и без групирања во угостителски објекти. Во програмите нема да учествуваат хорови, играорни групи, дувачки оркестри, а делегациите ќе положуваат цвеќе според протоколи за растојание – просторно од два метра и временско од две минути.

Просторот каде што ќе се одржуваат настаните ќе биде заграден и со столчиња поставени на два метра растојание за да ја има потребната дистанца меѓу посетителите. Нивниот број ќе биде ограничен до 50 отсто од капацитетот на оградениот простор. Ќе има јасни насоки за влез, движење и излез на посетителите, а редарска служба ќе го контролира спроведувањето на мерките и ќе спречува неовластено влегување во просторот.

Сите учесници и посетители на настаните, гости, членови на тимовите задолжени за организација, како и гардистите, задолжително треба да носат заштитни маски. Дозери за дезинфекција на раце ќе има при влез и излез и на неколку места во оградениот простор. Забрането ќе биде служење и поставување штандови со храна и пијалаци, а служење вода ќе биде дозволено само ако е оригинално пакувана. Во зависност од бројот на учесници на настанот, протоколите предвидуваат и мобилни хемиски тоалети, како и медицински екипи со санитетско возило. Целата програма на одбележувањето на празникот од Пелинце, од Крушево и од Скопје од 10 часот ќе се пренесува на Македонската радио-телевизија.

Чествувањето на 117 годишнината од Илинденското востание, на Гумење во Крушево почна вчера со импровизираниот напад на градот и испукување од крушевското топче и со свечено кревање на знамето на Крушевската република.

Во 1903 година, почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар паша, 18.000 османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. 

2 август Ден на Републиката Илинден Ковид-19 Македонија прослава Протоколи
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Пукотници на универзитет во Пенсилванија: Една жртва и шест повредени

October 26, 2025

Двајца словенечки министри дадоа оставки по убиството во Ново Место

October 26, 2025

Косовското собрание не го избра Курти за премиер

October 26, 2025

Француската полиција уапсила двајца осомничени за грабежот во Лувр

October 26, 2025

Лидерите на Тајланд и Камбоџа потпишаа проширен договор за прекин на огнот во присуство на Трамп

October 26, 2025
ФОКУС

Трамп до Путин: Нема да губам време

ВЕСТИ October 26, 2025

 Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин…

Родителите на загинатите во „Пулс“: Каде беа институциите кога ни изгореа децата?

October 25, 2025

Католичките свештеници за помалку од пет години сексуално злоупотребиле 4.451 лица

October 24, 2025

Данела Арсовска: Советот на Град Скопје и Управниот одбор се одговорни за состојбата во „Комунална хигиена“

October 23, 2025
ТИКЕР

Пукотници на универзитет во Пенсилванија: Една жртва и шест повредени

October 26, 2025

Двајца словенечки министри дадоа оставки по убиството во Ново Место

October 26, 2025

Косовското собрание не го избра Курти за премиер

October 26, 2025

Француската полиција уапсила двајца осомничени за грабежот во Лувр

October 26, 2025

Лидерите на Тајланд и Камбоџа потпишаа проширен договор за прекин на огнот во присуство на Трамп

October 26, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.