Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска преку својот Фејсбук профил информира дека потпишал и до Владата ќе достави Уредба со која се предвидува награда по 15.000 денари линеарно и еднократно за сите полициски службеници, вработени во управните служби и останатиот административен персонал во МВР, кои, како што вели, целиот овој период неуморно и пожртвувано даваат максимум во првите редови во справување со коронавирусот.

„Немам никаква дилема дека тие со својот труд и ангажман го заслужуваат ова и очекувам Владата на првата наредна седница да ја усвои оваа Уредба. Здравјето и животот на вработените се наш исклучителен приоритет и цврсто сме посветени на процесот на вреднување на нивниот придонес во остварување на целите на Министерството за внатрешни работи“, напиша Чулев на ФБ.