На три дена до изборот за лидер на Социјалдемократскиот Сојуз, во интервју за НоваТВ, своите погледи и очекувања ги изнесе Јован Деспотовски, еден од кандидатите за оваа позиција и актуелен директор на ТИРЗ.- Доколку бидам избран за Претседател на СДСМ, веднаш ќе отвориме процес на разговори за тоа КАКОВ Претседател на Владата ни е потребен во овие времиња. Процес кој може да се спроведе во кус рок, но по кој ќе бидеме сигурни дека сме го избрале најдоброто решение.Граѓаните на последните локални избори испратија јасна порака не само за СДСМ туку за сите политички партии дека не се задоволни од нашата работа. Голем број од оние што решија да останат дома се и наши членови. И ги разбирам. Премногу ветувања останаа празни, многу очекувања неисполнети. Луѓето се уморија од различни оправдувања, сакаат брзи и видливи резултати, вели Деспотовски додавајќи дека е доблесно да се признае дека биле направени грешки во кадровската политика со лош избор на кандидати. Верува во капацитетите што ги има партијата како знаење и човечки капитал за да се врати на победничките патеки.

НоваТВ: Деспотовски последен меѓу кандидатите ја доставивте својата кандидатура за избор на претседател на СДСМ, но прв објавивте дека нема да користите луѓе по свој избор како поддршка во целиот процес, иако на тоа имате право. Има ли во ова порака ? 

– Пораката е јасна. За мене СДСМ значи доверба, значи чест и заедништво. Верувам во интегритетот на нашето огромно семејство социјалдемократи, чесни луѓе кои силно ја вреднуваат демократијата и партијата. Внатрепартиските избори мора и знам дека ќе бидат вистински празник на демократијата, ќе создадат нова политичка култура во целата земја и ќе бидат пример за сите останати политички партии.

Мојата цел со оваа кандидатура првенствено е единство и обединување на различностите и враќање на довербата. А, довербата се гради со отворање широк дијалог и преку поттикнување на култура на прифаќање и почитување на различните ставови. Тоа е основата на мојата програма „Концепт 28“.

НоваТВ: Довербата од членството и својата визија за развој на партијата, ја имате срочено во програмата „Концепт 28“ дизајнирана за и во функција на луѓето и подигнување на квалитетот на живот. Може ли да ни објасните нешто повеќе од програмата ?

– Отвореноста, чесниот пристап и фокусот кон граѓаните и нивните потреби – ова се принципите на кои се базира мојата програма „Концепт 28“. Целта е креирање на политики и мерки за подобар живот за сите, без исклучок. Сакам сите да се вклучат во унапредување на демократскиот капацитет на партијата и да дадат свој придонес во процесот на носење политики. Веќе отворивме дебата во која сите идеи и сугестии се добредојдени. Со Концепт 28 воведуваме директен избор на кандидати за градоначалници и пратеници од страна на членовите. Воведуваме нов пристап во политиката. Нема прво да зборуваме за КОЈ, туку КАКО и КАКОВ. Не треба политиките да се прилагодуваат на функционерите, туку бираме луѓе кои се најсоодветни на дефинирана политика, мерки.  За првпат воведуваме систем на мерливост на резултатите од политиките што ги носиме. Успехот во политиката, и на највисоките позиции, ќе се мери преку % на пораст на платите во однос на инфлацијата, преку % на пораст на вложувањата во здравството и образованието, преку % на природен прираст на населението. Едноставно, зборовите ги заменуваме со бројки и ќе спроведуваме политики што носат најдобар ефект за граѓаните.

НоваТВ: Она што остави впечаток, по образложението на одлуката за кандидирање, е дека вашиот таргет е „СДСМ да се зацврсти како водечка политичка организација во Северна Македонија и по следните парламентарни избори“. Предвидувате победа на следните парламентарни избори, на што се должи Вашиот оптимизам особено по резултатите од скоро одржаните локални избори?

– СДСМ може, знае и има капацитет да остане водечка политичка организација и по следните парламентарни избори во 2024. Тој капацитет, луѓе, политики, вредност ги вадиме на површина сега. Им даваме простор за работа и за докажување дека може многу и поинаку и подобро. Американскиот сенатор Мит Ромни вели дека “Вистинско лидерство подразбира да се преземе одговорност а не да се бараат изговори.” Така во изборниот пораз на локално ниво не треба да бараме изговори туку одговори и решенија за тоа што треба да направиме, како да се менуваме и какви чекори треба да преземеме. Граѓаните на последните локални избори испратија јасна порака не само за СДСМ туку за сите политички партии дека не се задоволни од нашата работа. Голем број од оние што решија да останат дома се и наши членови. И ги разбирам. Премногу ветувања останаа празни, многу очекувања неисполнети. Луѓето се уморија од различни оправдувања, сакаат брзи и видливи резултати. Јасно е дека кај граѓаните не поминуваат промени кои нема да донесат резултати кои тие ќе ги почувствуваат.

НоваТВ: Обединување е најчесто слушан термин, очигледно е евидентна внатрепартиската поделеност. Врз основа на која формула ќе ги обединувате конфронтираните табори во партијата?

– Обединуваме со отворен и чесен пристап. Кажав дека не сум колекционер на функционерски поддршки. Мене ми значи поддршката од членовите, од симпатизерите, па и од сите оние луѓе кои деновиве ми приоѓаат и ми честитаат на храброста, а кои не гласаат во недела. Најголем број од јавувањата во првите денови од кандидатурата дојдоа од луѓе што се од внатрешноста. Тоа е најдобар доказ дека имаме потенцијал да се обединиме околу идеја, околу вредности и цели, а не околу луѓе и функционери. 

НоваТВ: Деспотовски дали планирате реорганизација по хоризонтала и вертикала. Ова како сфера на интерес за тоа дали цените дека партијата повеќе потфрли на локално ниво на практикување на власта или на централно?

Да, целосна реорганизација е потребна и Концепт 28 нуди конкретни решенија за тоа. Прво, секој кандидат за градоначалник и пратеник ќе се бира од страна на членовите, на непосредно гласање. Така, и кога ќе бидат избрани на избори, погледот и одговорноста ќе бидат свртени кон луѓето, а не кон лидерот. Ова е суштинска реформа во свеста и начинот на однесување и практикување на политики. Отуѓеноста од реалноста, од луѓето беше клучна забелешка и на локалните избори. Ова го менуваме.

Второ, веќе ги повикав граѓаните да достават свои предлози за идните носители на функции во партијата, но и во државата. Заедно да го  креираме новиот тим на СДСМ. Членовите на СДСМ, но и сите наши сограѓани да дадат предлози за тоа КАКОВ заменик на Претседател, Генерален секретар и потпретседатели ни се потребни. Какви особини, карактер, биографија треба да имаат. Доблесно е да си признаеме дека направивме грешки и во кадровската политика со лош избор на кандидати. Се покажа дека на СДСМ и државата не и требаат готови туку чесни и успешни кадровски решенија.

Особено ме радува дека до сега кога го пишувам ова веќе се пристигнаа неколку стотици конкретни предлози од целата земја и ветувам дека сите ќе бидат разгледани и вметнати во мојата конечна програма како иден партиски претседател.  Всушност ова е практична реализација на еден од основните столбови на „Концепт28“. Лојалност кон луѓето, не кон лидерот.

НоваТВ: Веројатно членството го интересира Вашиот став кон тоа дали претседателот во заминување Заев, треба да остане премиер до крајот на мандатот на оваа влада во 2024 година или новоизбраниот лидер на СДСМ треба да е нов мандатар или пак преферирате предвремени парламентарни избори?

– Не бегам од предизвици и тоа го докажав и со поднесувањето на мојата кандидатура. И, не сметам дека во овој период мора задолжително идниот претседател на партијата да биде и новиот мандатар.

Со Концепт 28 воведуваме нов пристап. Не зборуваме за КОЈ, туку КАКОВ. Доколку бидам избран за Претседател на СДСМ, веднаш ќе отвориме процес на разговори за тоа КАКОВ Претседател на Владата ни е потребен во овие времиња. Процес кој може да се спроведе во кус рок, но по кој ќе бидеме сигурни дека сме го избрале најдоброто решение, особено во време кога земјата е исправена пред редица предизвици, како енергетска криза, се уште активна пандемија, политички блокади.

НоваТВ:Што е она што Вам најмногу би ви помогнало во менаџирањето на партијата но и на човечките ресурси општо, доколку ја освоите довербата на членството на СДСМ  и што не би сакале да ви се испречи на патот, за сето тоа да не можете да го реализирате?

Ниту еден политичар не е магионичар ниту може да успее во се сам. Тимот е оној кој ве прави успешен. И досега а и во иднина преферирам да сум опкружен со луѓе професионалци, кои отворено и искрено кажуваат што мислат и кои се подготвени „да гинат“ заедно со мене. А такви луѓе има и во СДСМ, но и меѓу наши истомисленици кои ги поддржуваат социјалдемократските вредност. Има луѓе кои се подготвени да преземат одговорност но и товар во клучни моменти.

Да немаме илузии пречки на патот ќе има, но јас сум човек кој во предизвиците гледа мотив и порив за акција. За мене е најважно во моментов  да ја зголемиме и видливоста на вредностите и политиките кои се навистина одлика на СДСМ и да го унапредиме концептот заради кој зад нас на изборите во 2016 и 2020 застанаа и луѓето кои не се партиски членови.

Само вака вистински ќе ја испочитуваме и правилно ќе ја вреднуваме пораката што ја добивме од граѓаните на последните избори, особено на оние кои останаа дома а кои ќе бидат многу важни и ќе одлучуваат на следните избори. Најважно е да им дадеме можност на следните избори да гласаат за успешно реализирани проекти со кои ќе им се смени животот на подобро. Оти довербата се гради само со конкретни резултати и факти.  Нема простор за импровизација.

Мирјана Трпческа