Германија треба да размисли да го зголеми својот придонес во буџетот на Европската унија за 42 проценти или за 13 милијарди евра, како што предложи Брисел за следната година, пишува денес весникот „Ди Велт“, повикувајќи се на пресметки на Владата.

„Велт“ наведува дека според најновите предлози од Брисел, земјите-членки треба да платат во буџетот на ЕУ околу 1,075 проценти од нивниот бруто-домашен производ во наредните седум години, врз основа на БДП постигнат во 2018 година, кој дава вкупен буџет од 1,1 билион евра.

Лидерите на ЕУ во петок треба да одржат онлајн состанок на кој ќе разговараат за буџетот на Унијата 2021/27 наречен Повеќегодишна финансиска рамка (МФФ), како и за планираниот фонд за економско закрепнување од кризата со коронавирусот.

Портпаролот на германската Влада не сакаше да ги коментира информациите на „Велт“.