Демократскиот сојуз смета дека треба да се договори ориентационен датум за избори, а не фиксен, реакција која следува по изјавата на германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл, кој меѓу другото порача и дека партиите треба да договорат датум за избори.

Демократскиот сојуз предлага во најкус период да се избере Реформска (експертска) Влада, со јасни приоритети, која треба да спроведе длабоки реформи во судскиот систем, безбедноста и медиумите.

– Преку реформските процеси, треба да се создадат услови за фер, демократски и кредибилни избори, а датумот на изборите да се одреди по завршување на реформите и верификација на избирачкиот список од ДИК, кој треба да се прочисти од партиските кадри, се вели во соопштението на ДС.

Партијата инсистира преговарачкиот процес да биде транспарентен и во него да се вградат и предлозите од другите партии, граѓанскиот сектор, како и медиумите.