Велика Британија има нов комесар во Европската комисија (ЕК). Џулиан Кинг денес беше назначен за комесар за безбедност. Што значи дека претседателот на ЕК воведува нов портфељ за борба против тероризмот, сајбер-криминалот и криминалот.

“Комесарот за безбедност треба да ја поддржи примената на Европската агенда за безбедност која ЕК ја усвои на 28 април 2015 година. Тој треба да придонесе кон создавањето на оперативна и ефективна Унија на безбедност како што ЕК тоа го најави во своето соооштение од 20 април 2016 година”, се вели во соопштението на ЕК испратено утринава.

Кинг не е непознат во Брисел. Од 2008 до 2009 година тој работеше како директор во кабинетот на британскиот комесар Питер Манделсон. Потоа Кинг беше британски амбасадор во Франција.

Сопругата на Кинг има висока позиција во службата за надворешни работи на Европската унија.

По брегзит рефередумот, Џонатан Хил, комесар за финансиска стабилност, одлучи да даде оставка велејќи дека во овие нови услови тој нема да може достојно да ја извршува својата функција.

Велика Британија одлучи да ја напушти ЕУ но се додека процесот на “развод” не биде завршен, оваа островска земја останува да биде полноправен член на Унијата со сите права и обврски.