Македонската женска тениска репрезентација без загубен сет го почна настапот во третата Евроафриканска зона од Федерејшн купот. Избраничките на Димитар Лабудовиќ на стартот на турнирот во Хелсинки го совладаа Конго со максимални 3:0.
Магдалена Стоилковска во првиот меч славеше против Глори Мфумуангана со 6:2, 6:3, а Лина Ѓорческа беше уште поубедлива во дуелот со Виктори Мфумуангана (6:0, 6:1).
Во натпреварот во двојки, Стоилковска и Ѓорческа ги поразија Глори и Виктори Мфумуангана со 6:4, 6:0.
Покрај Стоилковска и Ѓорческа, дел од националниот тим се и Ана Ристевска и Александра Симева.
Противник на Македонија во второто коло во финската престолнина е селекцијата на Косово. Во групата се и репрезентациите на Алжир и на Кипар.
Победникот во групата Б ќе разигрува со најдобриот тим во групата А што ја сочинуваат Финска, Литванија, Малта и Исланд за место во втората Евроафриканска зона во 2020 година.