Американскиот претседател Доналд Трамп го покани словачкиот премиер Роберт Фицо да ги посети Соединетите Американски Држави во средината на 2026 година, со цел да потпишат договор за соработка меѓу двете земји во областа на нуклеарната енергија, додавајќи дека Словачка е почитувана земја поради „суверената надворешна политика“, соопшти Фицо.
Чест ми е што специјалниот пратеник на американскиот претседател ми врачи писмена покана за посета на САД и средба со Трамп. Заеднички сакаме да го поддржиме потпишувањето на меѓувладиниот договор меѓу Словачка и САД за соработка во нуклеарната енергија и да размениме мислења за најактуелните светски теми, наведе Фицо во објава на Фејсбук.
Словачкиот премиер прецизираше дека временската рамка на посетата ќе биде одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД и одржувањето на Светското првенство во фудбал.
Суверената надворешна политика насочена кон сите четири страни на светот ги носи своите резултати. Почитувани сме, добиваме инвестициски понуди, а светските лидери не нè избегнуваат, истакна Фицо.




