Работнички го затвори летниот преоден рок со уште еден нов фудбалер. Во „пет до 12“ го комплетира ангажманот на Чарлс Чинеду Гофри. Станува збор за 19 годишен нигериски напаѓач кој меѓу „црвените“ од Градски парк пристигна од албански Скендербег.

Гофри е присутен на тренинзите на Работнички и најверојатно ќе биде опција во тимот на Виктор Треневски за неделното гостување на Чаир против екипата на Шкупи.

Работнички веќе привлече фудбалер од Скендербег ова лето. Неодамна потпиша едногодишен договор со Бразилецот Сержо Антонио да Луис Жуниор (23), исто така напаѓач, кој потекнува од школата на Бело Хоризонте.

Претходно на клубот му пристапија и Ерменецот Вардан Погосјан, повремениот македонски репрезентативец, Остоја Стјепановиќ и Флоријан Кадриу.