Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши денеска истакна дека тие влегле во Владата за да помогнат да се добие датум за преговори.

„Ако во некој момент процениме дека со нашето излегување би се помогнало за таа цел, би го направиле тоа. Но ние мислиме дека треба да има влада во Скопје, во нашата држава, која активно работи на изнаоѓање на договор со Бугарија и што побргу да се започнат преговори со Унијата за да станеме полноправна членка, истакна Гаши.

Гаши вели дека нормално е опозицијата да бара предвремени избори, нешто што и тие го барале додека не биле во власта, и дека тоа е целосно легитимно, но сепак мислат дека не се потребни избори.

„Да мислевме така пред три месеци немаше да бидеме дел од оваа влада, туку ќе одевме на избори. Сметаме дека во ваква криза, и економска и здравствена, и по стабилноста на државата, не смееме во овој момент да одиме на избори. 61 пратеник можат во секое време да се договорат да се оди на избори. Ние како Алтернатива сме против тоа“, вели лидерот на албанската партија.

Посочи дека кога станале дел од Владата, никаде не посочиле дека ќе направат нешто за 100 дена.

– Кога влегувате на половина мандат, не можете да се обврзувате ништо во тој период. Но ние одржавме средба после 100-те дена, затоа што сакаме да даваме отчет пред нашите гласачи, министри и сите граѓани. Тоа беше целта. Сакаме тие точки уште денес да се реализираат, но објективно кога има пречки, го разбираме тоа. Работиме интезивно од другата страна имаме разбирање. Колку ќе се реализира тоа, ќе покаже иднината, смета Гаши.