Главниот бугарски обвинител Иван Гешев денеска ќе дојде во Скопје за лично да поднесе барање за правна помош до Обвинителството во Северна Македонија. Бугарските обвинители треба да добијат ДНК профили од роднини на загинатите во автобуската несреќа заради идентификација на жртвите. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, бугарското Обвинителство денеска треба да објави нови информации за трагедијата.

Во меѓувреме, продолжува истрагата за тешката автобуска несреќа во која загинаа 45 лица на автопатот „Струма“ во Бугарија. Бугарската телевизија „Нова“ јави дека шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од Подрачното обвинителство во Перник работат на предистражната постапка.

Портпаролката на главниот обвинител, Сијка Милева уверува дека во најкус можен рок, бугарските истражители ќе ги добијат потребните документи од нивните македонски колеги, јавува дописникот на МИА од Софија.

Во меѓувреме, седумте преживеани во несреќата остануваат на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија. Нивната состојба е стабилна. Двајца од преживеаните вчера се оперирани. Еден од нив има длабока изгореница на двете раце. Здравствените власти размислуваат оние кои се стабилни да си одат дома кај своите најблиски.