Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ го освои мастерс турнирот во Рим, откако во финалето денеска го совлада Гркот Стефанос Циципас со 2:0 во сетови (6:0, 7:6) за негова шеста титула во италијанскиот главен град.

Српскиот ас го освои својот прв трофеј во 2022 година и со тоа на најдобар начин ја направи увертирата за следниот Грен слем на „Ролан Гарос“ во Париз, Франција кој ќе се одржи од 22 мај до 5 јуни.

Ѓоковиќ одлично го започна мечот, со три последователни брејка практично го „прегази“ Гркот Циципас и го освои првиот сет за точно 30 минути без загубен гем.

Во вториот видовме многу повеќе борба, Циципас со похрабра игра успеа да го „скрши мразот“ и на крајот да му го одземе сервисот на најдобриот светски тенисер и во еден момент да поведе со 5:2.

Ѓоковиќ се врати во клучен момент, го врати брејкот и го одведе мечот во „тај-брејк“, кој исто така беше доста интересен.

Прв падна Циципас, кој го загуби сервисот во петтиот поен, по што го врати брејкот, но потоа Ноле рутински ја одработуваше задачата до крај и го освои својот петти трофеј во главниот град на Италија, користејќи ја првата меч топка. Мечот траеше еден час и 38 минути.