По Приштина и во Белград пристигна петчлената делегација на дипломати предводена од специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Заедно со нив се и советникот за надворешна политика и безбедност на германскиот канцелар Олаф Шолц, Јенс Плотнер, Емануел Боне, кој е советник на францускиот претседател Емануел Макрон и Франческо Марија Тало, советник на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Таканаречената „Големата петорка“ ќе се сретне и ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и чекорите што ќе му претходат на постигнувањето договор меѓу двете страни.

Како што јави Косово онлајн, средбата се одржува во Вила Мир, а изјавите за медиумите се планирани околу 17:00 часот.

Тие утрово во Приштина разговараа со премиерот на Косово, Албин Курти. По таа средба Лајчак рече дека очекуваат поголемо разбирање.