Хакери го нападнале софтверот на ДИК и направиле промена во Избирачкиот список, велат неофицијално од СДСМ за НОВА.

Но, како што велат од партијата, овие промени нема никако да влијаат на состојбата на списокот и сите лица ќе можат да гласаат.

„Избирачкиот список е заклучен пред една недела и така е пратен на печатење, што значи дека овие промени што се направени никако нема да влијаат врз гласањето“, велат од партијата.

Инаку вчера неколку десетици лица се пожалија дека ги нема на списокот, а од Државната изборна комисија преку соопштение информираа дека имаат некаков технички проблем со страницата.

„Информираме дека апликацијата за проверка на податоците во Избирачкиот список за граѓаните кои ќе гласаат во избирачките места на територија на Република Македонија е веќе функционална и достапна, а денеска треба да биде достапна и апликацијата за проверка на податоците за лицата кои ќе гласаат во дипломатско конзуларните претставништва“, пишуваше во соопштението на ДИК.

Денеска, повторно го побаравме претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, но тој ни рече подоцна да се слушнеме, затоа што нема податоци дали некои лица се избришани од списокот.