Словенечкиот министер за земјоделство Јоже Подгоршек денеска поднесе оставка поради афера за неплаќање на една хотелска сметка.

Според словенечките медиуми, Подгоршек во јануари годинава направил сметка од 800 евра во хотел во Бохињ, а по заминувањето не ја платил, туку тоа наводно подоцна наместо него го направил земјоделски комбинат со кој Министерството за земјоделство е во спор за сопственост на земјоделско земјиште, пренесе „Хина“.

Во случајов, според новинарите, станува збор за судир на интереси, односно за корупција, бидејќи хотелот кој ја издал сметката во времето кога во него престојувал министерот бил во сопственост на лице поврзано со споменатиот земјоделски комбинат.