Министрите без ресор кои работеа во претходните влади предводени од Никола Груевски, скоро и никогаш не дале изјава во јавноста и најчесто можеа да им се прочитаат имињата на Гугл или на веб страната на Владата. Иако без определен ресор, нивниот глас има тежина при носењето владини одлуки, а сите тие живеат на министерска плата и функционерски привилегии.

Во 2004 година кога премиер беше Владо Бучковски имаше само еден министер без ресор, а по изборите во 2006 година, Никола Груевски бројот на министри без ресор го зголеми на три.

Овој број остана ист и по изборите во 2008 и 2011, за во 2013 со реконструкција на Владата да се додаде уште еден министер без ресор. Веќе во 2014 година, бројот на министри без ресор во Владата на Груевски се искачи на седум.

Идната Влада која се очекува до утре вечер да биде изгласана во Парламентот, а со која ќе раководи Зоран Заев, ќе работи со осум безресорни министри.

ИДНИОТ МИНИСТЕР САМКА ИБРАИМОСКИ: ЌЕ РАБОТАМ НА ПРОБЛЕМИТЕ НА РОМИТЕ И ЌЕ СЕ ОТКАЖАМ ОД ПРИВИЛЕГИИТЕ

Самка Ибраимоски е едно од осумте имиња кои Заев ги прочита соопштувајќи ги функционерите во новата Влада. Тој за НОВА вели, негов фокус во Владата ќе бидат проблемите на Ромите.

„Ќе работам околу социјалните проблеми и стратегија за Ромите во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Мојата идеја е да се унапреди и продолжи Декадата на Ромите, а за тоа во мојот кабинет ќе имам тим од луѓе кои работеле во Стразбур и Брисел. Имам свој концепт по кој ќе работам, бидејќи ништо не видовме од досегашниот министер Неждет Мустафа. Првите 100 дена ќе кажеме до каде сме и кои ни се идеите“, вели Ибраимоски во изјава за НОВА.

По формирањето на Владата, Ибраимоски информира дека до премиерот ќе предложи да нема службено возило и шофер, освен за патувањата надвор од Македонија.

АНАЛИТИЧАРИ: МИНИСТРИТЕ БЕЗ РЕСОР СЕ ЗА ЗАДОВОЛУВАЊЕ НА МАЛИТЕ ПАРТИИ

Петар Арсовски

Експертите сметаат дека одлуката на мандатарот Зоран Заев да назначи осуммина е политичка одлука и е направена за задоволување на коалиционите партнери.

Политикологот Петар Арсовски смета дека бројот на министри без ресор е политичка одлука и нема врска со администрација.

„Повеќе од очигледно е дека бројот на министри без ресор е повеќе дефиниран за потребите на владината коалиција, отколку за потребите на Владата. Подготвен сум да го простам бројот на министри без ресор за да има согласност во спроведување на сите неопходни реформи кои ги вети оваа влада“, изјави Арсовски за НОВА.

Штом се формира Владата, Арсовски очекува премиерот нив да им даде конкретни задачи кои ќе треба да ги исполнуваат.

Владимир Божиновски
Владимир Божиновски

И аналитичарот Владимир Божиновски во изјава за НОВА, вели дека функцијата „министер без ресор“ е политички компромис за задоволување на апетитите на помалите партии.

„Министрите без ресор најчесто се ставаат поради компромиси во партијата. Заев имаше ветување дека ќе го намали бројот на министри, но сега кога се соочи со проблемот, сфати дека тоа е тешко изводливо. Овие министри генерално треба да преземаат ад хок функции и помош на некое ресорно министерство“, вели Божиновски.

Здравко Савески
Здравко Савески

Професорот Здравко Савески кој е и член на политичката партија Левица, смета дека осум такви позиции во една Влада се премногу.

„Револтира тоа што многу луѓе во Македонија работат а не земаат плата, а овие министри ќе земаат плата за да нишаат врата. Овие лица ќе мора да докажат дека нема само да клатат врата и да земаат плата, туку дека ќе имаат некаков реален придонес“, рече Савески.

Освен Самка Ибраимоски, во новата Влада министри без ресор ќе бидат и Кочо Анѓушев, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Зорица Апостоловска, Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко.

Досега министри без ресор беа Владо Поповски, Веле Самак, Хади Незир, Неждет Мустафа, Глигор Ташковиќ, Аднан Ќахил, Бил Павлески, Џери Наумоф, Нурхан Изаири, Фуркан Чако, Висар Фида и Горан Мицковски.