“Диктаторот” од Унгарија во недела на 8 април најверојатно ќе ја добие довербата на Унгарците за уште еден последователен, трет мандат, на чело на оваа средно европска земја. Ова ќе биде негов четврти мандат – Виктор Орбан беше премиер и од 1998 година до 2002 година.

Орбан и Јункер во Рига

Прекарот “диктатор” дојде од Жан-Клод Јункер, шефот на Европската комисија во 2015 година. Пречекувајќи го на самитот на ЕУ во Рига Јункер, со ладнокрвна насмевка, му рече “здраво диктатору”. На Орбан не му беше драго. Но, двајцата и припаѓаат на Европската народна партија (ЕНП), најбројното политичко семејство во ЕУ, па Орбан добро знае дека поддршката на Јункер, а и европските пари, му се уште како потребни па со кисела насмевка ја премолча иронијата на Јункер.

Илиберална држава

Во ЕУ владее убедувањето дека Орбан израсна, не во диктатор, но во авторитарен па дури и ксенофобичен лидер. Причини има повеќе.

Кариерата на Орбан започна во 1989 година. Со 26 години тој беше на чело на борбата против комунизмот и основач на Сојузот на млади демократи или Фидеш. Орбан стана симбол на унгарската желба за ослободување од тоталитаризмот и вртење кон западните вредности.

Во 1998 година станува премиер но по 4 години катастрофално ги губи изборите и на власт доаѓа левицата. Според многу аналитичари, овој пораз за Орбан бил понижување што тој никогаш не успеал да го свари.

На власт се враќа во 2010 година, во ек на економската криза, кога земјата ја тресат скандалите на левите либерали кои беа на власт. Во 2014 година повторно, без никаков проблем, ги добива изборите.

Набрзо почнуваат да стасуваат остри критики од ЕУ и САД за начинот на кој Орбан владее. Тој е првиот лидер што го прима Владимир Путин по анексијата на Крим од страна на Москва и не ги крие симпатиите кон рускиот претседател.

Орбан се залага за изградба на “илиберална држава заснована на национални темели” земајќи ги за пример Русија и Кина. Во сите 8 години владеење со Унгарија, Орбан полека го смени Уставот за да и даде повеќе власт на владата, презеде значителна контрола врз судството, медиумите и банките.

“Непријателите” на Орбан

Орбан го критикува Брисел, европскиот мултикултурализам, а мигрантите и бегалците за него се “отров”. На границата Унгарија изгради огради со бодликави жици и упорно одбива да прими бегалци според планот на Европската комисија. Брисел бараше секоја земја да земе одреден број бегалци за да им се олесни работата на Италија и Грција но Унгарија, заедно со Полска, одби позитивно да одговори на ова барање.

Унгарскиот премиер за себе вели дека е “бранител” на унгарската нација и на “христијанската” Европа. Редовно се жали на договорот од Тријанон кој беше потпишан од Унгарија и сојузниците во 1920 година по Првата светска војна. Со овој договор се финализира поделбата на во војната поразената Австро-Унгарија. Со тоа Унгарија загуби голем дел од дотогашната територија па Орбан, со својата националистичка реторика, никогаш не заборава да потсети на оваа неправда. Орбан веќе подготвува “грандиозна и трагична” комеморација на стогодишнината на овој Договор во 2020 година.

Тој го прогласи за непријател милијардерот Џорџ Сорос и го обвини дека има “план” да ја поплави Европа со мигранти. Иако и самиот Орбан користеше стипендија на Сорос за да студира на Оксфорд. Кампањата на унгарската влада против “Стоп Сорос” и мигрантите беше полна со антисемитски тонови.

Според Орбан, непријателите на Унгарија – Брисел, Сорос и мигрантите – “не веруваат во работа туку шпекулираат со пари, немаат татковина но веруваат дека светот им припаѓа; тие не се великодушни но осветољубиви и секогаш напаѓаат право во срцето – особено ако е црвено, бело и зелено (Орбан се реферира на боите на унгарското знаме)”, повторуваше Орбан на 15 март во еден негов предизборен говор.

Според Орбан, Џорџ Сорос е непријател на Унгарија

ОЛАФ: сериозни неправилности во владините тендери

Унгарскиот премиер знае дека во европските институции во Брисел нема да има проблеми. Тој е дел од ЕНП, најмоќната политичка група во ЕУ.

“Зад затворени врати на Орбан му кажуваме отворено дека неговиот начин на водење на Унгарија не е добар. Но, пред камери, мораме да го чуваме единството и да оставиме впечаток дека стоиме зад него со надеж дека критиките што му ги упатуваме ќе дадат резултат”, вели за НОВА еден европски пратеник од оваа политичка група.

Поради оваа сесрдна поддршка, противниците на Орбан немаат влијание. Многумина би сакале да го казнат Орбан со тоа што ќе ги сопрат или намалат европските фондови за Унгарија но тоа се покажа, барем засега, невозможно.

Така, Унгарија е еден од најголемите корисници на европските фондови со добиени 4,5 милијарди евра во 2016 година додека унгарскиот придонес во европскиот буџет изнесува 1 милијарда евра што изнесува 4 отсто од економскиот раст на земјата.

На тој начин, тврди Политико, стапката на невработеност е ниска (3.8 отсто) а ЕУ парите и дозволуваат на владата да дели подароци кај граѓаните.

Во Унгарија се повеќе може да се чуе за корупција во редовите на Фидеш. Во јануари ОЛАФ, европското тело за борба против корупција, пронајде сериозни неправилности и конфликт на интереси во владините тендери во износ од 40 милиони евра. Но, ОЛАФ нема моќ да покрене обвинувања или да суди. Тоа е задача на унгарското судство. Кое е под контрола на владеачката партија.

Според Вашингтон Пост, градоначалникот на родното место на Орбан, стана еден од најбогатите луѓе за време на владеењето на неговиот школски другар Виктор. Богатството доаѓа пред се од владините тендери.

Иако нема сомнение дека Орбан ќе освои нов мандат во недела, сепак унгарската опозиција има надеж. Во февруари, на големо изненадување, на локалните избори во еден град победи независен кандидат поддржан од сите опозициски партии.

“Иако оваа победа не го доведува во прашање трумфот на Фидеш за парламентарните избори, таа сепак ќе ја смени атмосферата”, смета порталот Индекс убеден дека опозициските партии ќе имаат поголем успех.