Врз нас се врши огромен притисок од јавноста околу извештајот од обдукцијата. Меѓутоа потребно е да разберете дека се поминати само три недели од настанот и кога се во прашање вакви случаи кои се комплицирани потребно е време да се комплетираат сите факти релеватни за овој случај кои во целост ќе им  помогнат на правосудните органи во донесување на правилна и правно издржана одлука, вели професор д-р Станков во интервјуто за НоваТВ

Работиме посветено, не само на овој случај, туку и на сите случаи на Институтот за судска медицина, јас Ве уверувам во тоа. Случајот Тот се работи по сите светски стандарди за добра судско медицинска пракса. Во текот на нашата работа, односно кога работиме обдукција, ние користиме специјални обдукциони техники како што е отварање на кожата на грбот и нозете или пак препарирање на кожата од лицето, за да може да се види состојбата на меките и коскените ткива под кожата. Тоа и го направивме при вршењето на обдукцијата на Денис Тот. Не постои комплетен обдукционен наод само со извршена  обдукција на телото. Без разлика дали дополнителните испитувања влијаат или не влијаат на причината за смртта, дополнителните испитувања, особено во вакви случаи, мора да се направат, бидејќи во текот на судскиот процес може да произлезат голем број на прашања кои, иако немаат врска со причината за смртта, би биле важни за судот, адвокатите и обвинителот при донесување на конечната одлука, вели во интервјуто за НоваТВ, професор д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје, каде е завршена обдукција на телото на ракометарот Денис Тот, кој   беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк.

Тој за НоваТВ обелоденува дека се завршени и дополнителните хистопатолошки и токсиколошки анализи со што обдукциониот наод е комплетиран и во вторникот веќе го доставиле до скопското Основно јавно обвинителство.

Д-р Станков вели дека врз нив се врши огромен притисок од јавноста околу извештајот од обдукцијата.

– Сосема ми е јасно дека кај народот постои огромна недоверба во институциите. Меѓутоа, потребно е да разберете дека се поминати само три недели од настанот и, кога се во прашање вакви случаи кои се комплицирани,  потребно е време да се комплетираат сите факти релевантни за овој случај кои во целост ќе им помогнат на правосудните органи во донесување на правилна и правно издржана одлука. Многу е лесно кога директно не си инволвиран во одреден настан, па ќе те викнат да бидеш гостин во некој медиум и можеш да зборуваш сѐ и сешто, а без да имаш одговорност за кажаното, вели д-р Станков.

Тој појаснува и дали е можно некој да почине од само еден незгоден удар, зошто освен на лицата кои ќе починат во болница, обдукција треба да се врши и на лицата кои се пронајдени дома, доколку живееле сами или во семејства каде имало историја на семејно насилство или пак некакви недоразбирања (кавга околу имот).

Директорот на Институтот раскажува и случаи при кои блиските наведуваат дека нивната роднина починала од рак на матка, но при обдукција на телото специјалистите на Судска медицина нашле убодна рана од нож која била причина за смрт кај жената, а извршителот завршил зад решетки. Во интервјуто тој додава и дека младите луѓе имаат една илузија дека судската медицина е CSI (американска серија, н.з.) и дека има опрема каде со еден допир се решаваат три убиства за половина час, но нагласува  дека судската медицина е наука која бара целосна посветеност, отсуство од дома, жртвување на сопствените и интересите на своите блиски… Новина на Институтот е тоа што се става во функција и токсиколошка лабораторија, а првиот човек на оваа установа додава „нам ни се потребни едукации од стручни лица кога е во прашање модерната технологија, кои ќе ги донесеме тука заедно да работат со нашите експерти. Кога велам нам, мислам на целата држава“.

НоваТВ: Д-р Станков, починатиот Тот бил удиран повеќе пати со клоци и по главата и по телото. Може ли обдукцијата да утврди кој удар бил фатален за да му се нанесат смртни повреди? 

– Нема да навлегувам во деталите кои се поврзани со смртта на Денис Тот заради тоа што се води истрага. Најголем дел од прашањата кои ми ги поставивте со сигурност ќе бидат поставени во понатамошниот дел од истрагата бидејќи од одговорот кој ќе го добијат истражните органи ќе зависи и правната квалификација на делото. Заради ова ќе се задржам само на одговорите кои воопшто нема да доведат до нарушување на истражниот и идниот судски процес. Теоретски, а и практично, постојат случаи каде повреди не се забележуваат однадвор на телото односно нема време тие повреди да станат видливи на кожата. Тоа се, на пример, длабоки крвни подливи кои заради брза смрт немале време да се појават, односно да не бидат видливи при надворешен преглед. Истото може да се каже и за повредите на внатрешните органи. Лесно е кога има крвавење или скршеници, и со примена на денешните достапни дијагностички средства вие веднаш ќе го видите. Меѓутоа некои повреди треба време да се развијат, да предизвикаат одредена симптоматологија и да станат видливи или со голо око или со примена на разни дијагностички техники.

НоваТВ: Може ли некој да почине и само од еден незгоден удар? Сте вршеле ли  обдукција на таков случај?

– Овој вид на случаи сe многу јасно опишани во медицинската литература. Тие се и едни од најкомплицираните случаи бидејќи смртта настанува многу брзо и може да се случи да немате никаков видлив наод. Тоа вообичаено се случува при удар во одредени регии од телото. Тие регии се богати со нервни завршетоци и при удар во тие делови може да настапи прекин на работата на срцето или пак предизвикување на невроген шок. Тоа се регијата на вратот, стомакот, гениталните органи. Исто така удар во пределот на градниот кош во проекција на срцето може да доведе до пореметување и престанок на работата на срцето. Удар во предел на главата или пак пад може да доведе до крвавење кое се појавува после одреден таканаречен луциден период кога лицето е во сосема нормална здравствена состојба и оддеднаш паѓа во кома и умира. Имавме еден таков случај на младо момче кое добило еден удар во главата со тупаница. По настанот момчето заминува дома во сосема нормална состојба си легнува да спие и воопшто не се буди. На обдукција однадвор на телото имаше незначителни повреди. Со отварање на кожата од поглавината се утврди крвен подлив на меката поглавина, а со отварање на черепот крвавење над тврдата мозочна обвивка кое извршило притисок врз мозокот и довело до смртен исход кај момчето.

Сомнителна смрт: Луѓето велат „ништо не му беше, така си отиде“, но никој не си отишол така

НоваТВ: Зошто е важно да се направи аутопсија по смртта и на хоспитализираните кои починале во болница, која, иако според законот е задолжителна многумина семејства не ја дозволуваат? Но и на лицата кои  починале дома?

 Во Законот за здравствена заштита многу јасно и децидно е наведено кои се индикациите за судско медицинска обдукција. Тоа во законот не е наведено туку така, за ние да имаме што да правиме, туку е напишано заради одредени причини без кои една нормална држава не би можела да фукционира. Судската медицина како медицинска дисциплина е мост помеѓу правото и медицината и освен што активно учествува во безбедносниот систем на една држава, судската медицина е и контролор на здравствениот систем и заштитник на правата на граѓаните на една држава. Секое лице кое ќе почине во здравствена установа а неговата смрт е поврзана со одреден кривично правен настан (сообраќајна несреќа, убиство, сомнение за лекарска грешка, несреќа при извршување на работни задачи), поврзана со обид за самоубиство, или пак причината за смрт е нејасна, мора да се изврши судско медицинска обдукција. Со обдукцијата ќе се дадат одговори на прашања кои ќе произлезат во понатамошната истрага. Судско медицинската обдукција не се врши само да се утврди причината за смрт. Целите на судско медицинската обдукција се многу повеќе од утврдување на причината за смрт. Во врска со луѓето кои се пронајдени дома исто така треба да се изврши обдукција особено доколку живееле сами (незнаена смрт) или пак живееле во семејства каде имало историја на семејно насилство или пак некакви недоразбирања, на пример кавга околу имот. Овој вид на смрт се нарекува сомнителна смрт. Луѓето велат ништо не му беше така си отиде. Никој не си отишол така. Тоа лице за околината изгледало здраво но нешто се случило и ние сме должни да му објасниме на семејството што се случило, особено доколку постои болест која се наследува или пак се наследува ризикот од нејзиното развивање.

Починала од рак на матка, изјавило семејството, а жената била прободена со нож!

НоваТВ: Дали на Институтот за судска медицина сте имале случај позади навидум природна смрт, да утврдите дека некој/а бил отруен можеби од својот близок? Раскажете ни го случајот…

– Јас се сеќавам на два случаи каде лично бев вклучен како обдуцент односно заедно со уште еден колега/колешка ги работевме обдукциите. Ќе ви раскажам два случаи: Во првиот случај се работеше за жена која била донесена во еден од медицинските центри во државава во лоша здравствена состојба и искашлување на крв. Блиските роднини дале податок дека имала рак на матката и, при една расправија со сопругот тој ја удрил по стомакот заради што ракот се распрснал и жената починала. Никој од здравствените работници не обрнал внимание на оваа слободно ќе кажам идиотска изјава за како настанала смртта. За среќа истражните органи се посомневале и не побараа нас да извршиме обдукција. Кога го соблековме телото, најдовме убодна рана од нож која беше причина за смрт кај жената. Случајот успешно се заврши со осудителна пресуда за извршителот. Вториот случај беше пријавен како природна смрт. Бил извршен преглед од Итната медицинска помош, но обвинителството даде наредба за извршување на обдукција. Се работеше за смрт во семејство каде долги години постоела историја на семејно насилство. Во текот на обдукцијата од надвор на телото постоеја повреди кои на почетокот не укажуваа на нешто сериозно. По извршеното препарирање на кожата од лицето се констатираа повреди кои одеа во прилог на убиство. Исто така и овој случај успешно се заврши со осудителна пресуда.

Не толерираме финансиска недисциплина, секој неисплатен долг го утужуваме

НоваТВ: Институтот со кој раководите е реномирана установа која е рамо до рамо со европските и светските институции. Како се снаоѓате со функционирањето на Институтот со оглед дека судовите мислам сеуште ви должат голема сума пари? Беше долгот околу 1 милион денари порано од судовите кон вас, сега незнам колку е точно. Произлегува дека вие мора да ги направите обдукциите а дека судовите и други за тоа не мора да ви платат…?

 Институтот за судска медицина е реномирана институција и мене ми е чест што сум на чело на оваа институција. Оваа година прославуваме 70 години од постоење на институтот. Тоа е многу значаен јубилеј за нас. Авторитетот на Институтот е огромен, како во нашата држава, така и на меѓународен план, и е стекнат заради луѓето кое работеле и работат во него. Во историјата на нашиот институт работеле луѓе со огромен домашен и меѓународен авторитет. На нас е да го оправдаме и продолжиме тој авторитет. Освен со Основниот Суд во Велес, со другите судови ги разрешивме проблемите со исплаќањето и досега финансиските обврски редовно се исплаќаат, како од судовите, така и од обвинителствата. Немаме намера да толерираме финансиска недисциплина, па така секој неисплатен долг го утужуваме или пак се договараме со должниците кога и како да се исплатат долговите.

НоваТВ: Колку младите колеги се заинтересирани да специјализираат судска медицина?

– Младите луѓе имаат една илузија дека судската медицина е CSI и дека има опрема каде со еден допир се решаваат три убиства за половина час. Морам да кажам дека судската медицина е наука која бара целосна посветеност, отсуство од дома, жртвување на сопствените и интересите на своите блиски. Тоа е начин на живот не е само професија. Ние поминуваме најголем дел од времето на работа и ја внесуваме целата енергија и знаење во решавање на секој случај. Сите вработени без разлика дали се здравствени, лабораториски и административни работиници го чувствуваат институтот како свој дом. Успехот при решавање на секој случај ни носи огромна радост. Таа радост не може да се купи со пари, иако морам да кажам дека за работата која ја работиме финансиската компензација мора да биде поголема. Западниот дел од државата сега за сега е добро покриен со специјалисти по судска медицина. Меѓутоа источниот дел е оставен само на еден специјалист и замислете никој од младите колеги кои треба да специјализираат не покажува интерес кон специјализацијата по судска медицина. Во неколку наврати сум разговарал со раководните структури на Клиничката болница во Штип како центар на источниот дел од Македонија но и тие не можат да ги натераат колегите да специјализираат судска медицина. Веројатно нема голема популарност ниту пак материјална компензација во оваа медицинска гранка.

Непотребни наредби за супервештачење – за ова мора да се замислат во Министерството за правда и во Републичкиот судски совет

 НоваТВ: Дали нешто од опремата на Судска медицина треба да се поднови и што е најприоритетно?

-Секоја добро искористена или пак воопшто неискористена опрема ја губи својата вредност во период од пет години. Ние не сме богата држава па да си дозволиме обновување на опремата на секои пет години но не сме ни сиромашна за да знаеме дека една опрема добро ќе функционира доколку правилно се одржува. Засега, работиме со модерна опрема кој треба да се дополни. Секоја година настојуваме во склад со нашите можности да обновиме дел од опремата. Со огромна помош од раководните структури на Деканатот на Медицинскиот факултет успеавме да ја реновираме токсиколошката лабораторија. Во тек е нејзино ставање во функција. Истото го планираме со другите лаборатории и обдукционата сала. Според мене на секој вработен треба да му обезбедиш нормални услови за работа и едукација. Нам ни се потребни едукации од стручни лица, мислам на модерната технологија, кои ќе ги донесеме тука заедно да работат со нашите експерти. Кога велам нам, мислам на целата држава. Праќањето на луѓе во странство е непродуктивно и прескапо и скоро никогаш не резултира со посакуваниот ефект.

НоваТВ: Дали некогаш се случило да биде оспорен обдукционен наод од Судска медицина?

-За да оспориш нечие мислење и наод треба да имаш материјални докази, а не само да кажеш ја сум против ова мислење. Ние во текот на работата сме обврзани се да забележуваме, фотографираме и за време на еден судски процес врз основа на материјалните докази да кажеме како сме дошле до тоа мислење. За жал постоеја обиди каде нашето мислење околу една обдукција требаше да се оспори но беше безуспешно бидејќи експертот не поседуваше докази да го докаже спротивното. Тоа што мене ми смета е постоењето на огромен број на таканаречени експерти кои само заради тоа што поседуваат лиценца за вештачење од областа на медицината мислат дека може се да пишуваат па и најголеми небулози. Тие експерти пишуваат нарачани вештачења каде основната цел им е нивното вештачење да биде спротивно на нашето. Судијата иако може да подари верба едно од двете вештачења за да се заштити од враќање на предметот, дава непотребно наредба за супервештачење. Ова многу често се случува и за ова мора да се замислат како во Министерството за правда така и во Републичкиот судски совет. Апелациониот суд во најголем број случаи ако има спротивставени вештачења а нема супервештачење го враќа предметот на повторно судење. Никој не ги разгледува фактите туку само се запазува процедурата. Тоа во најмала мерка не е фер кон странките па и кон државата која сноси огромни трошоци при еден судски процес

 Љубица Балабан