За правата на ЛГБТИ заедницата сега и на почетокот на последнава декада. Колку се задоволни и се чувствуват безбедно овие лица. Дали македонското општество го чувствуваат како општество во кое секоја единка ги ужива човековите права, разговаравме со извршната директорка на „Коалиција Маргини“, Ирена Цветковиќ. Во интервјуто за НоваТВ, Цветковиќ изјавува„Нескромно можам да потврдам дека ние сме испаднале поголеми патриоти токму заради љубовта и грижата кон луѓето кои живеат во нашата држава отколку оние кои со знамиња и симболи шират омраза и насилство“.

 1..Цветковиќ, долги години работите во невладиниот сектор со акцент на правата на жените и пред се на ЛГБТИ заедницата општо. Може ли да направите споредба каде беше оваа заедница претходно и сега?

Мизогинијата, хомофобијата и трансфобијата се‘ уште се доминантни карактеристики на нашето општество. Сепак, споредено со претходната декада можеме слободно да кажеме дека имаме еден бавен, но позитивен тренд на прифаќање на оваа заедница. Така на пример, во 2015 година високо ниво на нетолеранција покажале македонските граѓани во однос на ЛГБТИ заедницата. Со други зборови,  58% од испитаниците одговориле дека ќе се обидат да најдат помош и да ги излечат своите деца доколку утврдат дека се ЛГБТИ, 18% или ќе престанат да комуницираат со своите деца или ќе ги натераат да ја напуштат куќата, додека само 5% би ги поддржале целосно. Последните истражувања укажуваат дека има зголемување на процентот на граѓани кои ја признаваат и препознаваат дискриминацијата заснована на сексуална ориентација како една од најчестите форми на дискриминација. Исто така, нивото на толеранција и прифаќање во поновите студии, е зголемено. Највисоко е кај жените, високо образованите граѓани и граѓаните со македонски етнички идентитет и од урбаните области. Овој резултат го потврдува заклучокот дека оваа промена не е резултат на чувствителноста на граѓаните, туку на нивната се‘ поголема информираност и знаења, вели извршната директорка на „Коалиција Маргини“ Ирена Цветковиќ во интервју за НоваТВ.

2.. Што од традицијата, што од патријархалното сваќање на одредени појави, што од политичкото опонирање, но факт е дека правата на луѓето што се идентификуваат како припадници на ЛГБТИ заедницата, многу тешко се исполнуваат а долг период пред овој, беа буквално ставени под мраз. Дали сте горди што ако не целосно исполнување на барањата, барем ја поттикнавте видливоста за вашите потреби и за вас лично дека сте тука и постоите?

Јас лично сум горда, многу горда. Горди треба да бидат сите активистки и активисти кои придонесоа и се‘ уште придонесуваат за подобрување на секојдневните животи на ЛГБТИ лицата, но и за демократизација на целокупното општество и држава. ЛГБТИ заедницата и активистите секогаш биле гласни во борбата за правата на сите маргинализирани групи, од маргинализирани жени, лица со попреченост, роми па се‘ до социјално загрозени граѓани, работнички итн. Нескромно можам да потврдам дека ние сме испаднале поголеми патриоти токму заради љубовта и грижата кон луѓето кои живеат во нашата држава отколку оние кои со знамиња и симболи шират омраза и насилство.

3.. Дали сте задоволни од динамиката на реализацијата на вашите права и од Законската сфера во општеството. Според вас каде ги лоцирате пречките и што треба да се промени за барем малку од малку да се измени оваа слика?

Ретко ќе запознаете задоволна активистка, особено на Балканот. Очекувањата ни се високи затоа што ние немаме други резервни животи на кои би се надевале после неколку века. Да одговорам конкретно: не, не сум задоволна и покрај позитивниот тренд кој е факт. Сметам дека можеме подобро и мораме побрзо.

4.. Верувам ќе се согласите дека, кога зборуваме за права конкретно во случај на ЛГБТИ заедницата тоа не значи само дозвола вие еднаш годишно да продефилирате низ улиците, туку право за еднаков третман при вработување, за поголема безбедност на ЛГБТИ-лицата, право да формирате легална заедница со истополов партнер, или да посвоите дете. До каде се сите овие права иако последниве се тема за некое идно време?

Засега фокусот е на обезбедување еднаков третман во вработувањето, пристапот до добра и услуги, гарантирање еднакви можности во сите сфери од општественото живеење и санкционирање на говорот на омраза и насилството врз ЛГБТИ заедницата. Сепак, факт е дека во Македонија веќе постојат семејства со истополови родители. Вие можете да имате какво сакате мислење за тоа, но тој факт не можете да го оспорите. Денес се можеби малку, ама во следните 10 години овие семејства ќе станат многу повеќе. Секоја држава, вклучително и нашата ќе мора да најде начини овие луѓе да ги третира во системот. Конечно, овие луѓе ги прифатиле сите обврски на државата, плаќаат даноци како и сите други, па време е да си ги добијат и своите права, децидно порачува Цветковиќ.

5.. Она што баравте чинам, е да имате член во Комисијата за заштита од дискриминација. Дали се случи конечно тоа?

Никогаш не сме барале да имаме член во КЗД. Сме се застапувале за независна и професионална комисија. Се‘ уште е во тек изборот на последниот член. Тоа би требало многу брзо да заврши, па ние ќе излеземе со наш став околу финалниот состав.

6.. Сега кога општеството полека се отвора и за овие заедници, кој е вашиот впечаток дали сега живеете подобро, побезбедно или со олеснет пристап до пазарот на трудот или промените се незначителни?

Како што одговорив погоре, промени позитивни има ама темпото со кое се носат е пребавно.

7.. Според вас што треба да направат политичките партии за, условно речено, ви ги подобрат условите за живот , преку носење на закони  или надополнување на веќе постоечките и кои се тие?

Носењето на закони е првиот чекор, но следниот дури и уште поважен е нивна имплементација. Ние одамна имаме закон со кој се криминализира семејното насилство, па повторно жртвите се без заштита. Закони кои се само на хартија не значат многу за луѓето. Би рекла дека фокусот сега е во имплементација на постоечките закони и креирање на сет од законски решенија за препознавање на потребите на трансродовите лица, како моделот за правно признавање на родот, смета извршната директорка на „Коалиција Маргини“.

8.. Неодамна Црна Гора дозволи склучување брак меѓу партнери од ист пол. Дали очекувате тоа да се случи и во Република Северна Македонија и кога?

Неминовно ќе се случи. За тоа воопшто немам дилема. Прашање е кога. Ако се прашувам јас тогаш што побрзо тоа подобро, оти ќе заштедиме и време и нерви.

9.. Кои се вашите следни активности во борбата за правата на ЛГБТИ заедницата?

Најважно е дека продолжуваме да обезбедуваме сервиси за заедницата кои ѝ се најпотребни. Таков пример е сигурната куќа, односно шелтерот за ЛГБТИ лица кои се во ризик од бездомништво бидејќи се избркани од своите домови, или се под ризик на насилство во своето семејство па мораат да го напуштат домот. Понатаму, сервиси за психо социјална поддршка, правна помош, па дури и обезбедување простори за социјализација и дружење. Активностите поврзани со застапување за закони и политики се исклучително важни, ама луѓето секогаш биле наш примарен фокус.