Северна Македонија имаше импресивен почеток на процесот на скрининг кој започна минатата година. Домашните реформски напори се клучни за продолжување на овој напредок, со вистинска посветеност на сите засегнати страни, како и со национална сопственост, отчетност, транспарентност и професионалност. Реформите во областа на судството и владеењето на правото се клучни за регионот како целина, како и за Северна Македонија, вели во интервју за Локално шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Џаин.

Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е поддржано од Шведска, вели таа, и она што останува суштинско е домашната реформа, која ќе започне и ќе заврши со кластерот фундаментите на процесот на пристапување.

Ова ќе биде трансформативен процес. Ќе бара напорна работа и решителност, но реформите ќе имаат корист и за граѓаните на Северна Македонија, истакна амбасадорката.

За уставните измени, кои се предуслов за продолжување на преговорите, Ларсон Џаин вели дека таа е во рацете на политичките лидери во Северна Македонија.

Договорот постигнат со посредство на Франција, кој доведе до отворање на пристапните преговори со Северна Македонија минатата година, вклучуваше обврска за измена на Уставот. Се разбира, важно е да се спроведат преземените обврски, со цел да се гледа како на доверлив партнер и да се оди напред во процесот на пристапување, децидна е таа.

Во однос на врските измеѓу двете земји, амбасадорката на Шведска во земјава вели дека минатата година поддршката за реформската соработка на Шведска изнесувала околу 6 милиони евра.

Ја поддржуваме Северна Македонија во областите на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата еднаквост, еколошките прашања, економскиот развој, инклузивни општества и други области, истакна Ларсон Џаин.

Од 1 јануари Шведска го презеде претседавањето со Европската Унија. Кои ќе бидат најважните задачи на шведското претседателство а се однесуваат на С.Македонија?

Шведското претседателство со ЕУ дава приоритет на безбедноста и единството, конкурентноста, зелената и енергетската транзиција, како и на демократските вредности и владеењето на правото. Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е поддржано од Шведска и она што останува суштинско е домашната реформа, која ќе започне и ќе заврши со кластерот фундаментите на процесот на пристапување. Ова ќе биде трансформативен процес. Ќе бара напорна работа и решителност, но реформите ќе имаат корист и за граѓаните на Северна Македонија. Не од денот на влегувањето на земјата во ЕУ, туку од денот на спроведувањето на реформите. Обемот на промената значи дека таа мора да дојде со пристап кој подразбира вклученост на цело општество.

Постои поддршка за членството во ЕУ и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. 73 отсто од македонските граѓани сакаат да влезат во ЕУ, а 24 отсто не се за влез во ЕУ. Како го коментирате намалениот оптимизам на граѓаните?

Позитивно е што неодамнешните анкети покажуваат дека многу големо мнозинство граѓани на Северна Македонија се за влез во ЕУ. Сепак, разбирливо е дека многумина би сакале да видат побрз напредок на патот кон ЕУ. Како претседавач, Шведска повтори дека иднината на земјите од Западен Балкан и нивните граѓани е во ЕУ. Северна Македонија имаше импресивен почеток на процесот на скрининг кој започна минатата година. Домашните реформски напори се клучни за продолжување на овој напредок, со вистинска посветеност на сите засегнати страни, како и со национална сопственост, отчетност, транспарентност и професионалност. Реформите во областа на судството и владеењето на правото се клучни за регионот како целина, како и за Северна Македонија.

Голем број вработени во институциите на ЕУ и во земјите-членки работат на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Ова покажува дека ЕУ исто така инвестира многу во овој процес и ќе се погрижи тој да биде кредибилен и ригорозен. Шведска го поддржува пристапот на Северна Македонија во ЕУ билатерално, не само преку суштинска билатерална реформска програма за соработка во области како што се доброто владеење, родовата еднаквост, независното новинарство, економскиот развој и прашањата за животната средина.

Промените на Уставот се „камен на сопнување“ помеѓу големите партии, а тие се клучни за продолжување на европскиот пат на земјава. Каква порака вие би испратиле до партиите кои се спротиставуваат на повторното отворање на Уставот? Можно ли е повторно закочување на процесите и одложување на почетокот на преговорите?

Одлуката за уставните амандмани е во рацете на политичките лидери во Северна Македонија. Договорот постигнат со посредство на Франција, кој доведе до отворање на пристапните преговори со Северна Македонија минатата година, вклучуваше обврска за измена на Уставот. Се разбира, важно е да се спроведат преземените обврски, со цел да се гледа како на доверлив партнер и да се оди напред во процесот на пристапување.

Колку, по ваше мислење, Берлинскиот процес ѝ помогна на Македонија да се приближи до Унијата? Дали пак иницијативата „Отворен Балкан“, која нејзините основачи ја нарекуваат „природна“ и создадена од самите земји, е еден вид замена за членството во ЕУ?

И ЕУ и Шведска се јасни дека иднината на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, лежи во ЕУ. За да се стигне до таму, треба многу да се направи, во однос на домашните реформи, во секоја од земјите. Процесот на интеграција сам по себе е трансформативен процес. Ќе бара напорна работа и решителност. Реформите пред се ќе имаат корист за граѓаните на Северна Македонија, не од денот на влегувањето на земјата во ЕУ, туку од денот на спроведувањето на реформите. Ова важи за секоја од земјите од Западен Балкан. Берлинскиот процес беше замислен како уште едно средство за помош на земјите од Западен Балкан на нивниот интегративен пат во ЕУ, преку зајакнување и унапредување на соработката меѓу шесте земји со поддршка на Европската комисија. Во ноември минатата година беа потпишани важни договори од земјите од Западен Балкан како дел од Берлинскиот процес. Истовремено беше истакнато дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ. Секоја иницијатива, не само таква што доаѓа од самиот регион, а е водена од реформи и придонесува за забрзан регионален економски раст и развој на регионот и е во согласност со вредностите и принципите на ЕУ, е добредојдена.

Како ги оценувате генерално врските помеѓу двете земји и каде гледате простор за подобрување?

Шведска и Северна Македонија имаат одлични односи. Всушност, нашите две земји годинава слават 30 години од воспоставувањето дипломатски односи. Во текот на првата половина од оваа година, исто така, ќе имаме многу можности да соработуваме за клучните прашања, кога Шведска претседава со Советот на ЕУ, а Северна Македонија ја има важната улога на претседавач на ОБСЕ во многу предизвикувачки период. Шведска е силен поддржувач и посветен партнер на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, вклучително и преку нашата суштинска реформска соработка со земјата. Минатата година поддршката за реформската соработка на Шведска изнесуваше околу 6 милиони евра. Ја поддржуваме Северна Македонија во областите на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата еднаквост, еколошките прашања, економскиот развој, инклузивни општества и други области.

Кој беше вашиот најголем досегашен предизвик со кој се соочивте како шведска амбасадорка во С.Македонија?

Го учам убавиот македонски јазик. Јас сум само почетник и дефинитивно е предизвик, но уживам и имам добар учител. Исто така, ќе биде корисен јазик да се знае кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ. Со нетрпение очекувам во иднина да можам да го користам македонскиот на состаноците на ЕУ во Брисел.

Н.П.

Извор Локално