Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во изјава за „Дојче Веле“ вели дека е време јавноста да знае дека судиите не може да се кријат зад нивните функции, повикувајќи се на имунитетот и на слободното и независно судиско искажување, бидејќи во случаите за кои станува збор се работи за повреда на кривичната постапка.
Јанева потсетува и дека голем број одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се однесуваат токму на повредата на таа процедурална рамка.
„Веќе се изготвени жалби до Советот за утврдување на факти, за судии кои ја повредуваат кривичната постапка во делот на предистражната и истражната постапка, но и во делот на закажаните рочишта по предмети. Таква претставка ќе има и за судијката Татјана Михајлова, а против неа ќе поведеме и постапка по членот 361 од Кривичниот законик, за фалсификување на службена исправа“, изјави Јанева.
Причината за оваа изјава на Јанева се настаните што се случија на денешното рочиште за случајот „Насилство во Општина Центар“ во кој обвинети се 14 лица. Првообвинет во овој случај е поранешниот премиер Никола Груевски, а обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиеска и поранешната советничка во Општината, Даниела Рангелова.