Тоширо Муто, генерален секретар на Организациониот комитет „Токио 2020“, зборуваше за трошоците на Јапонија, земјата домаќин на Олимписките игри.

– Вкупните трошоци за организација на Олимписките игри, кои беа на товар на владата на Јапонија и властите на Токио, изнесуваат 15,4 милијарди долари, рече Муто за време на 138. сесија на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).

Муто истакна дека буџетот за Игрите е ревидиран по одложувањето на една година. Дополнителни 900 милиони долари беа потрошени за создавање безбедна средина за турнирот.

Олимписките игри во Токио ќе почнат во петок (23 јули) и ќе траат до 8 август и во нив ќе учествуваат и осум спортисти од Македонија. Настанот што требаше да се одржи во 2020 година, беше одложен за ова лето поради пандемијата на коронавирус.