По потврденото вето од Бугарија за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија (ЕУ), пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на Социјалдемократската партија и водач на пратеничката група за Западен Балкан, Јосип Јуратовиќ порачува С. Македонија да не се откажува од реформите, затоа што преговорите кога-тогаш ќе почнат. Освен во Бугарија, вели тој, политички сили кои се противат на проширувањето има во секоја земја од ЕУ, но на потег е Европскиот парламент со проширена одговорност, вели Јуратовиќ во разговор за ТВ Клан Македонија. Тој се залага за поединечно пристапување во Унијата, наместо во пакети како што е случај со Албанија и со Македонија, и сугерира преговорите да почнат за време на словенечкото претседавање со Унијата, а спорот меѓу Софија и Скопје да го решева арбитражна комисија.

– Треба да се бара решение. Штотуку разговарав со колегите од Словенија, бидејќи земјата го презема претседавањето со ЕУ, да се понуди некое решение, на пример да се отворат претпристапните преговори, а недоразбирањата меѓу Бугарија и Северна Македонија да ги одработи некоја стручна арбитражна комисија. Таков беше случајот со Словенија и Хрватска по прашањето за границата, кој како што гледате се реши позитивно. Такво нешто треба да се понуди за решавање на проблемот меѓу Бугарија и Македонија за да и се отвори патот на Македонија. На крајот на краиштата Македонија со претпристапните преговори не се зачленува во ЕУ, туку оди по пат на зачленување, изјави Јуратовиќ

Во спротивно, тој смета дека со ветото поради овој билатерален спор на некој начин се казнуваат проевропските влади на Западен Балкан и им се даваат аргументи на националистите.

– Јас самиот реков дека е апсолутно неприфатливо во Европа, вака како што е поставена и како што функционира, една партија од десничарски тип да може да ја блокира целата иднина на натамошен развој на ЕУ. На тој начин излегува дека таа Европа веќе не е вредна за „хартиите на кои е напишана“ и затоа мора под итно демократските сили во ЕУ да ја покажат јасно својата позиција – на чија страна сме и во која насока оди  Унијата. Дали оди во насока на правење консензус на најниското политичко ниво, на нивото на Виктор Орбан, или пак сакаме да градиме Европа заснована на демократски вредности и човекови права, истакнува германскиот парламентарец.

Во интервјуto за ТВ Клан Македонија, Јуратовиќ признава дека освен Бугарија, има и други сили кај поедини земји членки на ЕУ кои се против проширувањето.