Бурата што се крена во јавноста по најавата за изградба на три висококатници кај хотелот Холидеј ин, ја отвори повторно старата тема- за бизнис-духот на МПЦ, која овојпат, основа фирма со црковен призвук- „Обновители“ заедно со бизнисменот Зоран Антиќ, познат како ко-инвеститор на Сити мол, и кој имаше и бизнис релации со фирми блиски со Мијалков.

Критиките на јавноста се вперени кон власта и поради фактот дека е склучен договор со непосредна спогодба за изградба на згради во центарот на Скопје, наместо да се инвестира во повеќе зеленило. Проблематична е и цената по која се откупил метар квадратен во срцето на градот – само 300 евра, иако е извесно дека земјиштето се купува за изградба и продажба на станови, што подразбира голем профит за инвеститорот.

Сопственици на градежната парцела каде што ќе се градат спорните згради се фирмите ДТПУ М.Г. Фешн ДОО увоз-извоз Скопје и ТДГ ОБНОВИТЕЛИ – според информации на НОВА пред еден месец, во октомври,  заедно аплицирале до Министерството за транспорт и врски за откуп на земјиштето од нови  9.000 м2, со што станале сопственици на земјиштето кај Холидеј ин со површина од 13.653 м2.

За да имаат право да дојдат до ова земјиште, во пријавата тие навеле дека веќе се сопственици на повеќе од една третина од градежната парцела која се наоѓа на истото место – односно дека имаат претходно во своја сопственост 4.605м2 – и со тоа  ја заокружуваат целата градежна парцела во Центарот на Скопје.

Каква е улогата на МПЦ и историјата на овој договор каде фигурира и фирма Обновители?

МПЦ на ова место добива 3.767 м2 со денационализација во 2002 година. Осум години подоцна, во 2010 прави Договор со бизнисменот Зоран Антиќ за формирање на фирма Обновители. Но, првичната идеја на овој Договор е да има „црковно-деловна административна зграда“. Одлуката за основање на фирмата Обновители ја донел Архиепископскиот управен одбор на МПЦ.

Одлука на Архиепископскиот управен одбор на МПЦ за основање на фримата Обновители

 

 

Текст од Одлуката на Архиепископскиот управен одбор за основање на Обновители во кој пишува дека ќе се гради црковно – деловно административна зграда

Но, низ годините договорот се менувал со анекси и во делот на поделбата на имотот и во објектите што требало да се градат. Во последниот Договор меѓу МПЦ и Антиќ, од март оваа година, исчезнува терминот „црковно-деловна административна зграда“ и се заменува со терминот „станбен и деловен простор“.

МПЦ официјално се оградува од целата зделка. Владиката Тимотеј во телефонски разговор со НОВА не упати одговори да бараме во манастирот „Свети Атанасиј“ во Лешок, но  овој манастир фигурира како сопственик на земјиштето само до 2010 година, кога во Имотниот лист како сопственик на земјиштето е впишана фирмата Обновители.

Македонската православна црква, според Договорите до кои дојде НОВА, треба да добие 4.000 метри квадратни, од кои 2000 метри квадратни станбен простор, уште толку квадратни метри деловен простор, плус паркинг места.

Поделбата на имотот кај сегашниот паркинг спроти хотелот Холидеј ин, односно конкретно кои станови ќе и припаднат на Црквата, а кои на Антиќ, содружниците се договориле да ги прецизираат кога ќе се изработи проектната документација, а изборот на становите ќе се врши по модел 50% на предлог на Антиќ, а 50% на предлог на МПЦ.

Според Договорот кој содружниците на фирмата „Обновители“ го потпишале на 21 март оваа година, тие се согласиле на МПЦ да му припадне дел од објектот во нето површина од 4.250 м2 и тоа на Кумановско-Осоговската епархија нето деловен простор во површина од 1.063 м2 и нето станбен простор во површина од 1.062 м2, на Тетовско – гостиварска Православна епархија нето деловен простор во површина од 1.063 м2, нето станбен простор во површина од 1.062 м2 и соодветен дел од земјиштето и паркинг места согласно прописите  без никакви товари и ограничувања.

Овој Договор го потпишуваат Македонската православна црква односно законскиот застапник на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Зоран Антиќ.

 

 

Во Договорот содружниците јасно ја наведуваат својата намера дека по откупување на целата парцела, ќе се започне со изградба на станбено деловен објект.

Во „Обновители“, МПЦ вложува непаричен влог односно денационализираниот  имот од 3.767 м2 што е проценет на 2,4 милиони евра, а содружникот Зоран Антиќ 7.000 евра.

 

Проблематичнен аспект е и ниската цена на купениот квадрат од страна на МПЦ и МГ Фешн за 19.200 денари за квадрат. Министерството за транспорт тврди дека е во законските рамки:

„Цената на градежното земјиште се пресметува согласно Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп како и за засновање на право на стварна службеност која ја донесува Владата на Република Македонија“ соопштија од Министерството за транспорт.

На овој простор, според ДУП на Центар усвоен во 2012г. предвидено е да има 3 згради по 60 ката.

Бизнисменот Зоран Антиќ се јавува како сопственик и во други фирми. Повеќе на следниве линкови:

Македонски моќници и фирми од Прага ја градат зградата кај МНР

Која e фирмата што ја гради зградата кај МНР која се претвори во езеро