Кривичниот суд попладнево го прифати обвинителниот акт на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Тврдина“, дознава НОВА ТВ од извори во Судот. Тоа значи дека на обвинетите во овој случај ќе им се суди за уништување на системите за прислушување.
Обвинети во овој случај се луѓе кои беа во полицискиот врв во време на претходната Влада. Како наредбодавач, обвинет дека наложил да се уништат системите за прислушување е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. За злоупотреба на службената положба ќе одговараат екс министерката, Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, како и двајцата бегалци, бившите началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Истрагата за предметот со кодно име „Тврдина“ беше отворена на 29.03.2016 година. СЈО обелодени дека со цел да се сокријат трагите од нелегалното прислушување, биле уништени два система за прислушување од УБК вредни 10 милиони евра. Уништувањето на системите е извршено минатата година на 28 март во отпад.
Се очекува деновиве Кривичниот суд да го одреди датумот кога обвинетите ќе седнат на обвинителна клупа. Судењето може да почне без оглед дека двајца од обвинетите, Грујевски и Бошковски, не се достапни на македонските правосудни органи и се очекува нивна екстрадиција од Солун. Ним може да им се суди и во отсуство.