„Премиерот не прави самостојни договори. Ако нешто се случи, тоа мора прво да се усогласи со Министерството за надворешни работи, кое ќе ги извести владата, коалициониот совет и парламентот за да одлучат“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков одговарајќи на новинарско прашање дали на вчерашната средба со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји се обврзал на давање зелено светло за Македонија.

Петков на новинарите им рекол и дека Бугарија ја спасила ЕУ од кризата за енергенси предизвикана од руските уцени за гас и за плаќање во рубљи.

„Не мислам дека руската држава може да си дозволи да ја изгуби целата Европска унија. Цврстиот прв чекор на Бугарија и помогна на целата Европска Унија да го заземе истиот цврст став“, изјави бугарскиот премиер. „Покажавме јасна позиција. Никој не може еднострано да бара вондоговорни услови. Бугарската влада нема намера да подлегне на надворешниот притисок“, рекол Петков.