Во средината на октомври 2016 година, Руската православна црква го отвори својот „духовен и културен центар“ со поставување на златна купола на врвот на идната црква Света Троица на кејот Бренли во Париз. Ништо невообичаено, освен фактот дека идната црква се гради на дофат на Палатата Алма, во која се вршат поштенските услуги на Елисејската палата и тука се приватните станови на високите претседателски советници. Тоа што многумина би го отфрлиле како конспиративна параноја е  многу веројатно обид за користење на ова место за богослужба , заедно со другите руски цркви, како центри за електронски надзор и  прислушување на француските власти.

Постоењето на светска мрежа на руски и проруски организации, како и на бројни поддржувачи на политичките и културните проекции на таканаречениот „руски свет“ едвај е тајна. TEXTY користеше отворени извори за собирање информации за потенцијалните агенти на Русија на различни нивоа, од првостепени политичари до локални промотори на рускиот свет.

Еве уште еден пример од Париз. На крајот на октомври француските медиуми објавија податоци од едногодишната истрага на париското обвинителство за активностите на здружението „Француско-руски дијалог“, кое е осомничено за незаконско лобирање за руските интереси во Франција. Организацијата е позната како „амбасада во сенка на Русија“. Меѓу осомничените во случајот се Тиери Маријани, член на Европскиот парламент од  Франција од екстремно- десничарската партија Rassemblement National и поранешниот сенатор Ив Поцо ди Борго, кои споделуваат отворено симпатии за Кремљ. Претходно и двајцата отпатуваа во окупираниот Крим и во Русија за да ги набљудуваат „изборите“. Обвинителите истражуваа финансиски трансакции поврзани со руски компании, сомневајќи се дека станува збор за   компензации дадени “под маса’ политичари заради нивната лојалност и помагање да се изгради позитивна слика за рускиот режим на меѓународната сцена.

Таквите политичари, како и медиумите, граѓанските активисти, експертските организации и црквите се столбот на руската дипломатија која проектира „мека моќ“ со вработување на лобисти и во јавниот и во приватниот сектор. Стотици такви агенти на влијание вклучени директно и оние кои се вклучени индиректно се разоткриени ширум светот преку напорите на медиумите, истражителите и агенциите за спроведување на законот. Сепак, има уште илјадници кои сè уште остануваат непознати. За таа цел користивме отворени извори за собирање информации за повеќе од 1.300 поединци и повеќе од 900 организации во 19 земји од кои 17 се членки на ЕУ (Австрија, Белгија, Бугарија, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Унгарија, Германија, Холандија, Франција, Чешка, Словачка, Полска, Романија, Грција и Шведска) плус Србија и Обединетото кралство.

Првата голема група се oрганизации во овие земји основани од Русија. Русија не штеди пари за поддршка на „сонародниците“ и за промовирање на својот јазик и култура. Исто така, инвестира многу во меѓународни мрежи за размена и партнерства меѓу универзитетите. Според нашето истражување, културната експанзија во повеќето земји вклучува голем број заеднички елементи како да се служат со иста тетратка. Покрај амбасадата, конзулатите и трговската мисија, хиерархијата на руското влијание вклучува и:

-Руски центар за наука и култура во земјата (т.н. „Руска куќа“). Тоа се претставништва на Росотрудничество (полното име е Федерална агенција за прашања на Заедницата на независни држави, сонародници кои живеат во странство и меѓународна хуманитарна соработка). Сите тие се задолжени за координирана промоција на јазикот, културата и наративите на ниво на амбасада. Ова е главната точка за влез на руската култура на странски терен  низ вратите на официјална институција.

Сепак, некои од нив беа искористени  за ширење на руска пропаганда за сиромашните Европејци за кои се тврди дека се собираат кај нивните добродушни руски пријатели за да најдат „ малку топлина“ надвор од своите домови кои се студени. Името „Руска куќа“ може да се користи и за локални граѓански организации кои не се поврзани со амбасадата и можат да работат независно.

– Локален координативен совет на сонародници. Како по правило, нивните членови се локални руски имигранти кои се поврзуваат меѓу Москва и локалните заедници преку мрежи на локални граѓански организации. Неодамнешниот скандал во Австрија каде што руските имигранти ги убедија локалните полицајци дека Украина всушност не постои е жив пример за тоа колку длабоко таквите координативни совети можат да се интегрираат во локалната политичка средина.

– Локално здружение на руски лингвисти / слависти /, наставници по руски јазик и литература (ова може да биде чадор организација или три различни ентитети одговорни за секоја од трите области). Иако обемот на активности варира во зависност од земјата, таквите заедници може подеднакво да шират про-Кремљ политички и културни наративи или да не се ништо повеќе од училишта на руски јазик или научни клубови чии активности се строго ограничени на конференции и истражувања. Ваквите организации може да ги водат или руски државјани или локални научници/активисти. Иако многу такви организации не го промовираат активно рускиот свет, никогаш не се двоумат да ги нарекуваат партнери или пријатели.

– Локална мрежа на партнери на Фондацијата Руски мир. Како по правило, самата фондација не одржува наменски претставништва, сепак, може да ги води таканаречените центри Руски мир и Кабинетите Руски мир кои обично се мешавина од училница, библиотека и конференциска сала опремена со соодветна литература и се користи како место за „читање“, концерти, тркалезни маси. итн.

– Локално претставништво на помали културни фондации – на пример, Државниот институт за руски јазик именуван по А.С. Пушкин имал задача да го промовира рускиот јазик во странство.

– Локална мрежа на руски цркви. Во голема мера, руските цркви припаѓаат на двете најголеми верски организации: Московската патријаршија и Руската православна црква надвор од Русија. Иако оваа организација тргна по својот пат и ги следи своите корени до „белата имиграција“ (барем формално), таа во последно време падна под контрола на Московската патријаршија на РПЦ. Секоја црква на РПЦ се смета за потенцијален агент на руското влијание во соодветната земја, иако не сите од нив се способни да ги „прислушкуваат“ највисоките функционери како француските министри од страна на новата црква изградена во подножјето на Ајфеловата кула и до  станот на францускиот генерален секретар за национална одбрана.

Покрај тие „рбетни“ мрежи, многу организации работат без надзор на матична организација, иако тие учествуваат во активностите на советот на руските сонародници или барем ќе присуствуваат на нивните годишни настани. Тие организации се претставени од различни друштва, руски училишта, деловни клубови, детски кампови, јазични курсеви или културни здруженија. Нивните активности може да бидат апсолутно безопасни (преведувачки услуги и визни услуги за имигранти, училишта и групи за игри) или може да бидат агресивни, па дури и криминални.

На пример, Културното здружение на руски сонародници именувано по Достоевски од Тарагон (Шпанија), кое се рекламира како хоби-клуб, работи како „туристичка агенција“ која организира патувања до нелегално окупираниот Крим за шпански и руски деца. Наизглед безопасната спортска организација „Атлант“ од германскиот град Келн се покажа како носител на руски политички проект – партија на советски имигранти која требаше да шири омраза кон имигрантите од Блискиот Исток и да ја соочи германската внатрешна политика со превирања (најверојатно за да создаде позадина за руските пропагандистички медиуми).

Бидејќи овој проект не е лов на вештерки, решивме да не ги ставиме сите европски руски училишта и групи на списокот. Сепак, треба да се има предвид дека токму таквите институции (не сите, туку многу од нив) ги индоктринираат децата на „оние што се далеку од татковината“ со љубов кон „вредностите на рускиот свет“.

Исто така, постои посебна категорија на „Руси“ кои активно ги промовираат московските наративи во Европа, служејќи како гласноговорник на руската пропаганда. Тоа се самопрогласени „аристократи“, „потомци на белите имигранти“, „грофови“ и „војводи“ кои сè уште се носталгични за руската империја и за таткото цар – дури и откако живееле во Европа неколку генерации. Во 2014 година под такво писмо беа собрани неколку десетици потписи за изразување „солидарност со Русија во времето на украинската трагедија“ од „аристократи“ ширум Европа. Грофот Пјотр Шереметев, почесен претседател на Президиумот на Меѓународниот совет на руските сонародници (МКЦК),е  еден од луѓето кои го потпишаа писмото на руските аристократи за поддршка на војната во Украина. Како што може да претпоставите, сите тие Мусин-Пускини, Толстојови, Воронцови и Шереметјеви „жестоко ја осудија“ растечката „русофобија“ и „прогонот“ на Русите во Европа поради санкциите и обезбедија поддршка за луѓето од Донбас и за криминалните дела на Путин и неговата војска во Украина. После тоа, повеќето од тие аристократски „активисти“ се повлекоа во нивниот имагинарен свет на Царское Село и продолжија да го живеат својот екстравагантен живот без повеќе јавни изјави.

Мртвите души на Руски мир

Фондацијата Руски мир може да се пофали со околу 5.700 партнерски организации ширум светот.  Иако бројот може да изгледа импресивно, подетално ја разгледавме структурата на листата. Изненадувачки, 2.712 субјекти (47%) се покажаа како организации со седиште во Русија. Ова веднаш ја преполови тежината на „меѓународното влијание“ на идеологијата на РМФ.

Од преостанатите 3.019 пријавени, 967 (или 32% ) беа „партнери“ на РМФ од поранешните советски републики. Очекувано, Украина имаше најголем број такви „партнерства“ (234 ентитети од кои 68 беа со седиште на окупираните територии), па Естонија (121), Летонија (111) и Литванија (121).Останатите 1.102 ентитети беа поврзани со кластерот од 19 европски земји кои беа предмет на нашата истрага. Од нив,  48 ентитети беа Центри Руски мир и 41 беа кабинети на Руски мир во училиштата, библиотеките и високообразовните установи.Што е со другите партнери? Тоа се средни училишта, одделенија за руски јазик и „руски це нтри“ на универзитетите, локални руски културни друштва, здруженија, јазични курсеви, организации за интеграција кои нудат услуги за олеснување на имигрантите, приватни визни центри и агенции за регрутирање персонал, библиотеки, братства на ветерани, локални медиуми за публика на  руски јазик и, се разбира, цркви.  Дали е одржано да се каже дека сите партнери кои ги именува РМФ се колаборационисти?

Еве што откривме по рачната проверка на речиси 1.100 „пријатели“ на Русите на кои тие се толку горди : најмалку една третина од нив (околу 400 ентитети) не се ништо повеќе од мртви души. Нивните веб-страници/профил на социјалните медиуми се мртви или не се ажурирани во последните неколку години и не се споменати никаде освен во каталогот на РФМ. Дури и ако претпоставиме дека базата на податоци е „стара“ и последен пат е ажурирана во 2018-2019 година (врз основа на најновите дополнувања), ова сè уште не објаснува зошто на списокот има толку многу клубови и организации кои ги имале своите последни јавни настапи толку одамна.Би било логично да се каже дека не повеќе од 35% од сите „партнери“ – тоа е, сите организации и поединци всушност се Уште 10% од ентитетите на списокот беа претставени од цркви, амбасади, конзулати и „руски куќи“ на Росотрудничество кои се својствени за  „рускиот свет“.

Сепак, може да има многу поедноставно и многу побанално објаснување за таков неверојатен број „мртви души“. Прво, претпоставуваме дека базата на податоци се копира и залепува од година во година без актуелизирање на податоците. Второ, базата на податоци може да ги вклучи сите поединци и организации кои имале интеракција со Фондацијата Руски мир барем во една прилика (на пример, добиле книги или учествувале во настани) без да сфатат дека им била доделена истакнатата титула партнер на РМФ.

Интересно, дури и меѓу 79-те „центри“ и „кабинети“ на Руски Мир (т.е. проектите со директно финансиско или организациско учество на фондацијата) во 19-те земји кои ги анализиравме само половина се сè уште активни.

Став за војната на Русија против Украина

По целосната инвазија на Русија, секој десетти „партнер“ на Руски мир излезе со јавна изјава во која ја осудува војната и ја повикува да им помогне на Украина и на Украинците. Таква акција беше преземена од одреден број високообразовни установи во Шпанија, Франција, Полска и Шведска, додека повеќето од нив одбија да прифатат какво било дополнително финансирање од РМФ и да соработуваат со руските структури.

На пример, руските центри во Гранада (Шпанија) и Дурам (Велика Британија) се префрлија на универзитетско финансирање додека оние во MCSU во Лублин, како и на универзитетите во Вроцлав, Грац и Салцбург и многу други се затворени. Руско-полскиот институт со седиште во Вроцлав го смени своето име во институт за професионален развој – најверојатно, за да избегне поврзување со името на државата агресор. Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена ја ажурираше својата наставна програма со поголем фокус на украинскиот јазик. Универзитетот во Пиза речиси секој месец одржува конференции за различни аспекти на војната во Украина.

„Куќата Пушкин“, најстариот руски културен центар во Лондон, организираше серија настани за собирање средства за Украина и украинските бегалци иаково нејзината антивоена изјава е прилично позагрижена за судбината на „добрите Руси“ кои ја осудија војната и страдаат од „прогон“ во Европа.Рускиот културен центар во Амстердам на својата веб-страница едноставно постави транспарент на кој пишува „Стоп за војната! Ние одбиваме да ја промовираме културата на земјата што ја започна“. Сличен „Кажи не на војната!“ транспарент беше поставен од Институтот „Пушкин“ во Мадрид.

Пари за Украина се собираат од Толстојското друштво Хановер, Рускиот центар на Западно-боемскиот универзитет во Плзен , од Шведската унија на слависти, Здружението на италијански руски научници и десетици други „партнери“ на РМФ, вклучително и мали воннаставни клубови и локални парохии.

Руското друштво на Универзитетот Кембриџ и Руското друштво на Универзитетот Оксфорд не понудија никаква значајна реакција на целосната руска инвазија во Украина. На официјалните страници на рускојазичната заедница на Универзитетот Кембриџ, покрај најавените настапи на опозициски експерти и политичари на настаните и предавањата, нема ниту еден збор за војната. Свеченоститешто се одржаа во Оксфорд вклучија настан за собирање средства  при што сите  донации треба да бидат подеднакво поделени меѓу руските и украинските партнери на МКЦК за тековната хуманитарна криза во Украина.

За разлика од тоа, Факултетот  „Блаватник“ финансиран од познатиот американско-британски бизнисмен Леонард Блаватник се приклучи на петицијата за формирање специјален трибунал за изведување на Русија пред лицето на правдата за нејзините злосторства и објави вести за студентска поддршка на украинските бегалци.

Како и обично, работите не се црно-бели.  На пример, рускиот центар „Принцеза Дашкова“ на Универзитетот во Единбург беше активно вклучен во помагањето на украинските сирачиња и студенти на почетокот на инвазијата. Во исто време, Олексеј Кудрин, еден од пријателите на Путин и претседател на Сметководствената комора на Русија, остана почесен член на Центарот.

Иако Рускиот центар во Гранада навистина одби да прифати дополнително финансирање од руската влада и сега е финансиран од универзитетот, тој сепак организираше воена конференција со сомнителни пораки каде на посетителите им беше прикажан филмот на пропагаторите Оливер Стоун и Игор Лопатонок „Украина во оган“  за да понуди „избалансиран поглед на настаните“.

 Политичари и лобисти

Политичките партии, кои вообичаено припаѓаат на екстремната десница или крајно левиот дел од политичкиот спектар, се еден од главните столбови на руските политички интереси во Европа. Некои од нив, како италијанската Лига или Алтернатива за Германија се хардкор путинисти, додека другите можеби ја осудуваат војната, но сепак ја промовираат идејата за олеснување на санкциите или одржување на економските врски со Русија и покрај нејзината агресија врз Украина.

Во првата категорија спаѓаат лидерите и истакнатите личности кои припаѓаат на одредени партии и се познати по нивните редовни јавни изјави за поддршка на курсот на руското раководство. Некои од нив како Мари Ле Пен и Тиери Маријани дури и влегоа во скандали поради обвинувањата за земање пари од Кремљ. Истото може да се каже и за италијанските политичари поврзани со Матео Салвини за кој се вели дека има спонзорски договори со Русите.

Русите често покануваа странски политичари со поволни ставови да присуствуваат на екстремно десничарски или екстремно левичарски форуми кои беа спонзорирани од разни филантропи како што е главниот православен олигарх на Русија, Костјантин Малофеев, доколку не беа директно финансирани од рускиот буџет. Понатаму, истиот Малофеев и поранешниот претседател на одборот на државните руски железници, Володимир Јакунин, имаа долга историја на спонзорирање на разни настани кои промовираа традиционални вредности како што е Светскиот конгрес на семејствата. Сличен состав на говорници имаа и организаторите на Меѓународниот руски конзервативен форум. Ваквите настани даваат многу можности за идентификување и регрутирање на потенцијални и активни поддржувачи на Кремљ кој, меѓу другото, се смета себеси за последно упориште на традиционалните вредности на планетата – и меѓу политичарите и меѓу граѓанските активисти.

Меѓутоа, во последниве години финансирањето на вакви настани пресуши или нивното медиумско покривање беше сведено на минимум. Како резултат на тоа, најновите информации во врска со учеството на поддржувачите на Русија во овие настани се датирани од 2018-2019 година.Покрај тоа, многу од учесниците кои порано уживаа во соработката со православните олигарси, сега се оградија од секоја поврзаност со нив.

Еден од таквите примери е платформата CitizenGo со седиште во Шпанија, која организира и промовира различни конзервативни петиции и се смета за главен играч на пазарот на лобирање за конзервативни вредности. Игнасио Арсуага, шпански ко-основач на CitizenGo, порано беше познат и како коорганизатор на форумот на Јакунин кој ги промовираше семејните вредности. Едно од местата во Одборот на доверители на платформата му припаѓаше на рускиот олигарх Олексеј Комов, за кој се вели дека има врски со Малофеев. CitizenGo наскоро падна под целосно руско влијание. По настаните од 24 февруари, CitizenGo отфрли каква било поврзаност со Москва и ги затвори сите операции во Русија. Меѓутоа, судејќи според количината на нечистотија што ја исфрлаа врз организацијата руските пропагандистички медиуми од есента 2021 година, не беше војната причина што го предизвика раздорот.

Во втора категорија спаѓаат сегашните и поранешните пратеници на Европскиот парламент кои, на овој или оној начин, поддржуваа одлуки во корист на Кремљ (или одбиваа да ги поддржат неповолните) во последните 5-7 години. Имаше голем број аналитички студии во врска со моделите на ваквото гласање во Европа. Таквите работи вклучуваат осудување на прогонот на кримските татари, повикување на ослободување на политички затвореници, осудување на руската агресија или поддршка на Украина. Додека го финализиравме овој текст, Европскиот парламент усвои резолуција со која Русија ја призна како држава спонзор на тероризмот. Против оваа одлука гласаа голем број пратеници на ЕП при што повеќе од 80% од оние кои ја поддржаа Русија во ова гласање веќе беа во нашата база на податоци за нивните претходни „заслуги“.

Трета категорија ги вклучува учесниците во нелегалните набљудувачки мисии на „избори“ и „референдуми“ на окупираните територии на Украина и во Русија, исто така, каде што нивните изјави легитимизираа прекршувања и местење на изборите. Меѓу нив се и членовите на различни национални и регионални парламенти кои се собраа во окупираниот Крим, Доњецк и во уганск за да заработат лесно пари со присуство на конференции, фестивали, тркалезни маси, поставување лажни „L/DPR амбасади“ во Европа и помагање на европската јавност да се навикне на идејата за политички дијалог и бизнис со терористите и окупаторите. Политичари од Германија, Франција, Бугарија, Италија и Грција беа особено активни во покажувањето  „признавање“ на рускиот Крим.

Повеќето од овие луѓе, како и десетици културни дејци го игнорираа меѓународното право и беа под украински санкции. Многу од луѓето на оваа листа се „повторувачи престапници“ бидејќи учествувале во повеќе од една мисија или во неколку наврати ги посетиле Крим, Доњецк или Луганск. Одредени личности се населиле на окупираните територии и објавуваат содржини на социјалните мрежи на нивниот мајчин јазик, ширејќи ја „вистината“ за „геноцидот на луѓето од Донбас“ и другите руски митови.

 Експерти и медиуми

Ширењето на проруските наративи во Европа е олеснето од локалните екстремно-десничарски, крајно левичарски, конспиролошки или отворено проруски медиуми, претставништвата на РТ и Спутник кои се дел од медиумскиот холдинг „Русија денес“. Понатаму, наративите за рускиот свет се шират од голем број експерти од универзитети, тинк-тенкови или од новинари кои се преправаат дека се експерти за Русија/Украина. Руските интереси ги промовираат и организаторите на бројни билатерални „форуми“, „дијалози“, „здруженија“ итн.

Пример на кој најчесто дејствуваат се  билатералните „партиципативни дијалози“ со претставниците на „граѓанското општество“. „Петербуршкиот дијалог“ ја имаше истата цел во Германија, „Тријанон дијалог“ – во Франција, „Сочи дијалог“ – во Австрија додека форумот на итало-рускиот дијалог промовираше соработка на ниво на граѓанско општество. Во моментов сите тие проекти се ставени во мирување и тоа не секогаш поради војната на Русија против Украина. На пример, „дијалогот“ со Германците беше толку активен што руските власти ставија тројца негови членови на списокот на непожелни организации.

Русија одржува повеќе или помалку формализирани пријателски односи со речиси секоја земја во форма на билатерални трговски и културни здруженија. Во некои случаи, може да постојат повеќе од една таква организација за иста земја, а има и регионални здруженија. Што се однесува до медиумите, локалните медиуми кои се нагризени од руските наративи се претежно  конспиролошки (т.н. „алтернативни“) или ултрарадикални (десничарски или левичарски) медиуми со изразена евроскептична и антиамериканска реторика, националистички ставови и антивладини позиции. Тие ја вклучуваат медиумска група Анти-Шпигел или АУФ во Германија, Аеронет во Чешка, Нија Тајдер во Шведска, CNews во Франција, Блиц и дВерсија во Бугарија итн.

Слични ставови често споделуваат и тинк-тенкови со директна или индиректна поврзаност со Русија. Тие имаат задача да ги рационализираат процесите за отцепување во Европа, да даваат докази за слабоста на НАТО и САД, да ја фалат големината на Русија и да лобираат за нејзините интереси во нивните земји. Парискиот Институт за демократија и соработка и Истражувачкиот институт „Дијалог на цивилизации“ во Берлин се некои од најистакнатите примери на такви тинк-тенкови. Треба да се забележи дека гореспоменатиот Јакунин бил директно вклучен во основањето на вториот институт, како што беше случајот со Француско-рускиот дијалог и низа слични организации. Исто така, постојат некои специјализирани невладини организации како што се Евроазиската опсерваторија за демократија и избори основана од белгискиот активист Лук Мишел која „набљудува“ избори во непризнаени и недемократски држави создавајќи илузија за нивната легитимност. Европскиот центар за геополитички анализи со седиште во Варшава, основан од полската ѕвезда на Кремљ, Матеуш Пискорски, исто така се занимаваше со истите активности додека се преправаше дека е угледен тинк-тенк. Слично на тоа, има голем број новинари како Греам Филипс (Велика Британија), Алина Лип (Германија), Лиу Сиваја (Шпанија) или Фабрис Боур (Белгија) кои се специјализирани за „ширење на вистината за бомбардирањето на децата во Донбас“.

Има многу европски експерти кои може да изгледаат како проукраински затоа што јавно ја осудуваат руската инвазија, но во исто време, тие тврдат дека Украина е во легитимната област на влијание на Русија или бараат барем да се олеснат санкциите против Русија. Британскиот професор Доминик Ливен, кој напиша суштинска статија „Како да се разбере Путин’ е еден од најдобрите примери за такви експерти.

Извор:  Независен

Извор: Тексти.org.ua