17 „бомби“ кои ги објави лидерот на опозицијата се избришани од  „Јутуб“ каналот на СДСМ.

Од партијата велат дека често се случува некој да ги пријавува во видео сервисот „Јутуб“, но недоразбирањата без исклучок секогаш се решавале и сервисот ги враќа видеата назад.

„Не знаеме кој бара и кој ги брише бомбите. Факт е дека во Македонија само една политичка структура има интерес за бомбите да не постојат, но тоа никако нема да му помогне на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ да избегаат од вистината “, велат од СДСМ.

Прислушуваните разговори на „Јутуб“ како злоупотреба ги пријавувал корисник под назив „ОМД Нетворк“.

„ОМД Нетворк“ е истиот корисник кој досега редовно ги пријавува и видеата на НОВА. Досега оваа мрежа успеа да блокира неколку видеа на НОВА од Студентските протести и Шарената револуција, како и прес конференции на Специјалното јавно обвинителство. По аргументациите, „Јутуб“ ги враќаше видеата назад.

Од каналот на СДСМ се отстраните бомбите за смртта на Никола Младенов, разговорот во кој се слуша дека Сашо Мијалков стои зад фирмата СГС, бомбата во која се слушаат Груевски и Али Ахмети како договараат закон за бранители, за што подоцна „Викиликс“ објави документ, разговорот во кој има незаконско доделување тендер на фирмата „Визарис“, разговори во кои се слуша гласот на Никола Груевски, негови соработници и уредници на провладини медиуми, министри кои го навредуваат Груевски, наводен рекет во Струмица со цел ВМРО-ДПМНЕ да добие гласови, плацовите кои Груевски си ги купил на Водно, разговори во кои се слуша како ВМРО-ДПМНЕ мести избори, прислушување на новинари и уште многу други.