Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок со скопските градоначалници, информираат од Министерството за здравство (МЗ). На состанокот се очекува да се дискутира за можноста локалните самоуправи да се вклучат во справувањето со коронавирусот.
„Свеста за превенција од коронавирусот мора да се јакне на секое ниво“, објави министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил.
Повеќе од 40 големи кластери со коронавирус се регистрирани на територија на целата држава, а според надлежните, тоа е резултат на непочитување на мерките за лична заштита, одржување на физичка дистанца и избегнување групирања и собири.
Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, во државава се потврдени 101 нов случај со Ковид-19 и досега има вкупно 5.106 од почетокот на епидемијата. Најмногу заразени се дијагностицирани во Скопје – 2.498 од кои најголем дел (384) во oпштина Чаир. Бројот на активни случаи во градот изнесува 1.699.