Можен ли е политички консензус или евентуално повторно ќе се оди по трнливиот пат на уште една „двотретинска собраниска сага“ (по теркот на уставните промени согласно Договорот од Преспа) со цел да се донесе законот за јавно обвинителство, откако вчера за време на еднодневната посета на Скопје еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, го исфрли како реформски приоритет кој треба да го реши овој собраниски состав пред предвремените парламентарни избори во април.

Сепак, судејќи според првичните реакции од партиите поверојатно е дека никој нема да брза и да „крши нозе“ законот да се донесе во наредните неколку недели пред распуштање на Собранието, откако неколкуте претходни обиди доживеаја дебакл, а притоа некакво поместување не се гледа засега на политичкиот хоризонт. Ставот на Вархеји не беше презентиран како некаква или-или варијанта, односно или закон за ЈО или нема почеток на преговорите со Европската унија, но, секако, според политичките проценки, претставува сериозна порака до политичките субјекти пред објавувањето на мини извештајот на ЕУ за реформскиот напредок на земјава планиран за наредниот месец. Тој извештај, рече вчера Вархеји, сè уште не е почнат да се пишува, но потсети дека за него е многу важен законот за јавно обвинителство.

„Законот за јавно обвинителство не е испорачан како тврд услов. Еврокомесарот за проширување Вархеји нагласи дека ги имаме исполнето сите услови за почеток на претпристапните преговори со Европската унија и дека ќе биде добро ако се донесе законот за јавно обвинителство. Тие се свесни за актуелната ситуација и за опструкциите од најголемата опозициска партија, како и за кратките рокови до распуштање на Собранието“, вели во изјава за Нова ТВ, советникот за евроинтеграции во Владата и главен технички преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ.

Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ велат дека може да се донесе квалитетно законско решение за ЈО, но и двете страни и натаму се убедени дека нивната верзија е вистинската. Во септември минатата година од тие причини пропадна и седумчасовната лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски и нивните преговарачки тимови. Клучните пречки беа именувањето и назначување на шеф на Обвинителството за организиран криминал во кое би се инкорпорирало СЈО (опозицијата бараше тоа да биде нејзин предлог), како и истрагите отворени по истекот на рокот, 30 јуни во 2017 година предвиден со Пржинскиот договор. Беше предвидено и прислушуваните материјали што се докази во случаите кои се веќе во судска постапка во 18-те предмети на СЈО, да продолжат и натаму да се користат, додека за предметите по 30 јуни во 2017 година тие нема да бидат докази во постапките.

Власта притоа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ единствено бара предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, да запрат сите предистраги и истраги и криминалот да се заташка. Опозицијата, пак, обвини дека преговорите пропаднале бидејќи власта сака по секоја цена да се заштити во случајот „Рекет“ и не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мега-скандал, освен, како што рекоа, владино-подобната обвинителка Вилма Рускоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвинија дека тие не се откажале од преговорите за усогласување на ставовите со СДСМ.

„СДСМ се откажа од носењето нов закон. Кога есеноска Јавното обвинителство ги презеде предметите од Специјалното обвинителство, министерката Дескоска рече дека после тоа донесувањето на законот и не е толку итно“, изјави портпаролот Наум Стоилковски.

Од СДСМ, пак, ја обвинуваат опозицијата за опструкции.

„Ние иницијативата ја имаме поднесено одамна. За жал, ВМРО-ДПМНЕ на секој можен начин го кочи законот за да ги амнестира криминалците и криминалот во нивните редови“, велат од СДСМ.

Законот за јавно обвинителство кој датира од јули минатата година моментно е заглавен во собраниските лавиринти. Иако, Министерството за правда неодмна најави дека се подготвува нов текст за предлог-закон, сепак, во игра останува старата верзија.

„Законот е пуштен во Собрание и ние би биле многу среќни доколку пратениците се надминат себеси. Пораката од еврокомесарот е јасна и ние очекуваме и сакаме пратениците да најдат сила и да гласаат, мотивирани од европската иднина на државата, а не мотивирани од личните интереси на оние што сакаат да избегаат од лицето на правдата. Ова прашање е тест за патриотизмот“, се вели во писмената порака од Министерството до Нова ТВ.

Извори од собраниската Комисија за европски прашања каде се разгледуваше законското решение за Нова ТВ велат дека во моментов реално нема конечен текст на законот за кој брзо би се отворила расправата.

„Ништо не е стигнато во Комисијата за европски прашања. Вчера, на пример, разгледувавме сосема друг закон за стопански инвестиции. Работата застана таму каде што застана – во работните групи. Откако предметите ги презеде Јавното обвинителство во Собранието не си ни зборува за овој закон“, велат тие.

Според проценките без политички договор во кој ќе биде вклучена опозицијата законот нема да се донесе, иако се остава минимум простор повторно да се оди на картата обезбедување двотретинско мнозинство како во случајот со уставните измени согласно Договорот од Преспа. Во тој контекст се гледа и на фактот што на агендата на Вархеји при неговата прва посета на регионот беа и независните пратеници кои дадоа поддршка за имплемантацијата на Преспанскиот договор.

Пратеничката група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ сега брои седум члена, откако пратеникот Зеќир Рамчиловиќ реши да дејствува сосема независно, по што беше избран и за потпретседател на парламентот. Додека „седумката“ гради свој став по ова прашање, Нола Исмајлоска Старова, која е дел од оваа група, за Нова ТВ зборува во свои име.

„Јас би гласала за секое решение кое е правично. Последниот текст го разгледавме. Во некои од решенијата имаше прифатени забелешки од двете поголеми политички партии, но секоја од нив сега си прави сопствен маркетинг“, вели Исмајлоска – Старова.

Иако роковите се кратки, таа, сепак, смета дека законот може да биде донесен.

„Една година се преговара, не дека овој проблем сега доаѓа на дневен ред. Мислам дека има простор за решение. Зависи колку пораките ќе допрат до политичките партии. Според мене навистина е важно да направиме исчекор и во овој дел, што ќе биде важно за нас, но и за тие кои безрезервно нè поддржуваат на евроинтегративниот пат да го имаат како бенч марк“, смета таа.

И од Алијансата за Албанците и од БЕСА со слични изјави. Велат дека ќе поддржат законско решение што ќе ја зголеми ефикасноста и професионалноста на Јавното обвинителство, без притоа во негоа да има скриени одредби кои би значеле амнестирање на криминалите на одредени поединци. Сепак, велат дека периодот е проблематичен, практично сме пред избори и процесот, како што нагласуваат, може да се искомплицира.

И од Министерството за надворешни работи апелерираат до Собранието да помогне и да го изгласа законот за јавно обвинителство.

„На тој закон, акцентот посебно го става Холандија, делумно Франција. Доколку го овозможиме и тој адут во рацете на Холандија, а таа ни даде чист пас за преговори, тогаш на некој начин се намалува и маневарскиот простор на Франција. Ако политичките партии успеат да го донесат овој двотретински закон и доколку завршат важните судски процеси, тоа ќе ни помогне нашиот случај да стане уште посилен“, велат високи извори од МНР.

Законот за јавно обвинителство, со кој ќе се реши и проблемот по прекинување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, деновиве како приоритет го посочи и францускиот амбасадор во Скопје, Христијан Тимоние.