Фенербахче останува без пораз, Галатасарај без победа по четири одиграни меча во кошаркарската Евролига. Меѓусебниот дуел на градските ривали од Истанбул го доби составот на Перо Антиќ со убедливи 103:87 (22:19, 26:22, 22:23, 33:23). Македонскиот интернационалец одигра вкупно 10 минути и постигна, скромни, два поена (1/1 за два, 0/2 за тројка) и имаше по скок и асистенција.
Дури тројца негови соиграчи дадоа 20 и повеќе кошеви. Слукас уфрли 24, Диксон 22, Удох 21, поразениот тим го предводеше Остин Даје со 16 поени. Покрај резултатот, на страна на Фенербахче се бројките и во останатите статистички категории. Реализирани беа 27 удари од вкупно 50 од поле, погодени беа 12 тројки од 21 обид и само четири промашувања од линијата за слободни фрлања (13/17).
Фенербахче беше подобар и под обрачите. Неговите кошаркари имаа 37 скока наспроти 25 на Галатасарај, освоија и повеќе топки (6:4) и воедно загубија помалку (9:13) и заслужено останаа во друштво на ЦСКА Москва без пораз во досегашниот дел на сезоната. Галатасарај, пак, заедно со Уникс Казан се екипи кои сè уште ја немаат почувствувано сласта на победата.
Во вториот меч од попладневната програма, Макаби Тел Авив го совлада Жалгирис во Каунас со 87:74.
Евролига
Резултати, 4. коло
Галатасарај – Фенербахче 87:103
Жалгирис – Макаби Тел Авив 74:87
ЦСКА Москва – Уникс Казан 98:80
Дарушафака – Анадолу Ефес 79:84
Армани Милано – Реал Мадрид 90:101
Басконија – Олиммпијакос 90:95
Вечерва уште играат: Панатинаикос – Црвена звезда, Барселона – Бросе Бамберг.