Дали е само неуставноста на предлгот на ВМРО ДПМНЕ Драган Ковачки да биде избран за технички министер или има и други пречки ненапишани во законите, кои се сериозен показател зошто овој полковник не е добро да раководи со полицијата. Точно дека прво и многу важно е дека предлогот е противуставен-воено лице не може да раководи со цивилна функција ако три години претходно не ја соблекол униформата. Но, историјата како да се повторува. Кога ВМРО ДПМНЕ со Никола Груевски ја презеде власта во 2006-та година, Сашо Мијалков од воените структури премина во цивилните служби на МВР, но потоа тој таму пренесе многумина од армиските редови.
Јавноста ги познава Сашо Митевски-Хитлер, Антионио Станковски, Горан Грујевски кој сега е избеган во Грција и уште неколкумина кои од униформирани војници, директно од армијата, станаа дел од полициските и цивилни структури. Сега, со потегот на ВМРО ДПМНЕ воено лице да управува со полицијата одново ќе се отвори можноста армиски структури да раководат со полицијата што веќе се покажа како ризичен и неуспешен проект, ова особено ако се земе предвид фактот дека Ковачки ќе сака покрај себе да има лица од доверба кои во моментов се активни армиски припадници.
Без да ги оспоруваме успесите кои ги постигнал Ковачки во однос на мисиите во кои дејствувал, или во единиците во кои бил распоредуван, но тоа се главно резултати што се постигнуваат од речиси сите војници кои одат во мисии или на школување во странство. Затоа оние кои го познаваат и секојдневно се во негова околина пренесуваат дека најзаслужен за напредувањето во кариерата на Ковачки е токму Горан Грујевски, агентот кој е еден од главните протагонисти на нелегалното прислушување. Многумина уште од претходно Ковачки го нарекувале човекот на Грујевски и откриваат дека е амбициозен карактер и дека ја посакува функцијата министер.
Иако тој многу пати и лично се истакнувал, сепак, во позадина не можел да сокрие дека и други му помагаат да оди напред, па дури и да скокне некои фази од армиските напредувања. Како близок соработник на Ковачки колегите го споменуваат и Зоран Иванов, екс директор на Агенцијата за разузнавање кој неодамна нечујно замина од армијата како професор во Турција, а Министерството за одбрана беше приморано да му даде отказ затоа што едноставно престанал да се појавува на работното место. Со какви безбедносни и класифицирани информации заминал во Турција е друга тема.

Значи, тројката била Грујевски, Иванов и Ковачки. Тие многу често имале и средби кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт. Инаку сегашниот пример со Ковачки потсетува на примерот кога Иванов беше на директорската позиција во Агенцијата за разузнавање до себе ги имаше Ѓорѓи Вељановски, командант на единицата „Волци“ како и уште еден капетан од истата единица. Воедно, Иванов во тој период, во договор со Ковачки презел и еден припадник од воената служба, а бил воспоставен и линк за директна комуникација.
Претпоставките во армиско- полициските кругови се дека зад Ковачки стои Орце Тодоровски, негов сограѓанин од Делчево, инаку советник на Мицкоски за одбранбени прашања. Тој наводно го искористил влијанието во партијата за Ковачки да исплива на површина. Исто така, го споменуваат и името на Александар Нацев, поранешен директор на Дирекцијата за заштита на класифицирани информации, сега дел од структурите на ВМРО ДПМНЕ, претседател на партиската комисија за одбрана, како човек кој исто така стои зад предлогот Ковачки.
Инаку, медиумите за Нацев пишуваа дека има кривична пријава за злоупотреба на државни пари со кои си купувал лични предмети. Во време кога Ковачки раководел со военото разузнавање, директорот Нацев таму на работна позиција си ја сместил сестрата која, иако била ангажирана со договор на дело, сепак за кратко време добила сертификат со степен државна тајна. Но, поврзаноста на Ковачки со ВМРО ДПМНЕ може и да се игнонира, посуштинско прашање е зошто е неопходна милитаризација на МВР и зошто ВМРО ДПМНЕ се дрзна да предложи кандидат кој не ги исполнува основните норми- уставните. Овој највисок правен акт јасно пропишал дека вработен во униформирана структура не може да раководи со цивилна институција, особено не да биде министер за внатрешни работи или за одбрана.
Ова во ВМРО ДПМНЕ сигурно го знаеле, но ризикувале. Зошто Мицковски не предложил кандидат кој ги исполнува условите за министер, во случајов технички за МВР? – Дали Ковачки го користи како јадица, за понатаму да улови друг кандидат, во случај СДСМ да го одбие предлогот, што би било очекувано. Ако СДСМ не го прифати Ковачки, а има добра уставна причина за тоа, тогаш ќе му се отвори простор на ВМРО ДПМНЕ да предложи друго име, за кое СДСМ ќе нема многу време и причини да го оспорува затоа што ќе биде неопходно да се формира Пржинската влада, а при тоа Мицковски да предложи посигурен партиски член од неговото блиско опкружување, иако поголем дел од нив имаат обвиненија или пријави.
Од друга страна, дали со ваквиот предлог Ковачки да биде министер, во ситуација кога СДСМ би го прифатиле како предлог, не се прават најмалку два преседана. Прво, ќе се прекрши правилото армиско, униформирано, активно лице да застане на чело на МВР, она што го забранува Уставот, а потоа ќе постои случај во праксата во кој тоа се дозволило што во иднина ја отвора опасноста дека Уставот е флексибилна материја и се злоупотребува во политички цели, односно дека исклучокот понатаму може да стане правило. Како и да е, нема многу време, па одлуките ќе мора да се знаат деновиве.
Ковачки по се изгледа периодов користи боледување. Последно со што се соочи беше неговото разрешување од командант на Првата механизирана бригада од страна на претседателот Стево Пендаровски, откако Антикорупциската комисија утврди дека неговото, како и промовирањето на Мирче Ѓоргоски во бригаден генерал, биле направени од страна на Ѓорѓе Иванов во изборен период. Во моментот тој не е распореден на нова работна позиција во армијата, но тоа по се изгледа ќе зависи од неговиот (не)избор за технички министер за внатрешни. На крајот, зошто самиот Ковачки влегува во оваа политичка авантура наспроти уставната норма?
Тој го има потребниот потенцијал за иден армиски генерал. Па затоа, дали можеби вистинската причина е во тоа што се прави обид да се сокрие фактот дека мајката на Ковачки, докторка во Делчево, била поранешен истакнат член на СДСМ? Или, дали додека работел како шеф на Воената служба за безбедност и разузнавање го запаметиле вработените по злоупотреба на службените возила за потребите на изборната кампања на ВМРО ДПМНЕ во 2016 година? – И како крајна опасност се коментира дека од позицијата министер ќе се обидува и понатаму да ги искористува припадниците на Воената служба, на кои некогаш им беше претпоставен. А ако ги злоупотебува?
Како и да е, со краткиот излет во политиката несомнено дека ќе си ја загрози воената кариера и најлошо ќе биде ако сето ова заврши со епилог дека армијата изгубила кадар во кој долгорочно инвестирала, а државата добила неуставен технички министер. Оти потоа, враќањето назад ќе биде потешко.