Банкарските кредити со стагнирачки каматни стапки до крајот на годината. Зголемување не се очекува, но затоа има најави за можно натамошно намалување за што банкарите нагласуваат дека нема да биде значително. Добра вест, според нив, е дека движењето на каматните стапки годинава ќе биде во корист на крајните корисници. И за централната банка и за банкарите, каматите се наоѓаат на историско најниско ниво, но, сепак, Македонија и земјите од регионот имаат повисоки просечни каматни стапки од земјите во Европа.
Податоците на НБРМ покажуваат оти каматите на кредитите во март годинава во просек изнесувале 5,67 проценти додека на депозитите 1,48 процент. Во овој месец просечната каматна стапка на кредитите забележала намалување од 0,03 проценти, а кај депозитите 0,02 проценти.
Новите кредити, пак, се одобрувале со камата од 4,92 проценти што претставува надолен тренд за 0,06 процентни поени, додека просечната каматна стапка на новопримените депозити забележала месечен пад од 0,1 процентен поен и изнесува 1,47 проценти.
„Каматните стапки се наоѓаат на историски минимум и нивното зголемување пред се ќе зависи од политиката на централните банки, од движењето на инфлацијата и други објективни фактори. Среднорочно гледано зголемувањето може да се движи од еден до два процентни поена во однос на сегашната стапка“, велат од ТТК банка.
Од таму појаснуваат дека падот на каматните стапки, па и негативните каматни стапки во развиените пазари, се реалност веќе подолго време.
„Меѓубанкарската каматна стапка Еурибор почна да се намалува по светската финансиска криза, а на крајот на 2014 година мина во негативната зона каде се наоѓа и денес. Каматните стапки на кредитите логично го следеа тој тренд“, појаснуваат од ТТК банка.
Според нив, се очекува каматните стапки на денарските кредити оваа година да останат на приближно исто ниво од претходната година.
Добра вест, истакнуваат, е дека во 2018 година не се очекува поскапување ниту на девизните/индексирани кредити врзани со стапката на Еурибор, кои во изминатиот период го достигнаа минимумот. Ефектот на мерките на Европската централна банка би можеле да влијаат на цената на кредитите и да се почувствуваат во текот на 2019 година, така што не се очекува пад на каматите на девизните/индексирани кредити туку невно задржување на ниво слично како и минатата година.
Посочуваат дека за корисниците на кредит секогаш се поставува прашањето дали идниот раст на трошокот на изворите на средства би се прелеал на растот на каматните стапки и додаваат дека одговорот зависи од постоењето на можностите за намалување на маржата.
Во услови, велат, на силна конкуренција, економски раст, зголемени таргети за очекувана добивка и кредитен раст, а при постоење институционален квалитет, фискална консолидација и пониски регулаторни трошоци би постоел и определен простор каматната маржа да го апсорбира можниот раст на каматните трошоци.
Граѓаните најмногу земаат потрошувачки кредити, а во пораст се и станбените кредити.
„Евидентен е значителниот раст на кредитите на домаќинствата со годишна стапка на промена 31.12.2017 во однос на 31.12.2016 година од 9,3 отсто, кој произлегува пред се од растот на станбените кредити за 13,7 отсто и потрошувачките кредити за 11,2 отсто“, велат од ТТК банка.
Додаваат дека и во првиот квартал од 2018 година се забележува побрз раст на кредитите од секторот население, за разлика од растот на кредитите од секторот стопанство што произлегува, пред се, од станбените, хипотекарните и потрошувачките кредити.
Основната каматна стапка на НБРМ на историски најниско ниво
Димитар Богов, поранешен гувернер на Народната банка на Република Македонија, кому на 21 мај му истече мандатот, на прес конференција рече дека каматната стапка на благајничките записи или основната каматна стапка на НБРМ, се спушти на три проценти на историски најниско ниво.
„Секогаш може да се дискутира и дебатира дали можеше и пониско, но доколку немавме политичка криза и доколку фискалните политики беа малку подисциплинирани ќе можеше“, рече Богов.
Во последните седум години кредитите годишно растат со околу седум проценти.
„За седум години е остварен раст на вкупната актива на банките, депозитите и кредитите од околу 50 проценти. Во просек годишниот раст на кредитите изнесуваше околу седум проценти. Депозитите имаа вкупен раст од 55 проценти“, додаде Богов.
Тој потенцира дека е забележано и зголемување на профитабилноста на банките од 2010 до 2017 година. Како што рече на крајот на 2010 година повратот на капитал изнесувал седум проценти, а се очекува на крајот на годината да достигне 20 проценти, што според него е веројатно највисоко ниво во целиот регион на Југоисточна Европа.
Како граѓаните да добијат пониски каматни стапки
Македонија и земјите од регионот како Србија и Хрватска имаат повисоки просечни каматни стапки од Европа. Кај инвестициските кредити таа е двојно поголема и се движи од четири до шест проценти годишно, во еврозоната од два до три проценти, а кај стабените кредити во земјава изнесува од три до шест проценти, а во еврозоната од два до три проценти.
„Членството во еврозоната влијае на одржување на каматните стапки на ниско конкурентно ниво. Воведување на еврото го исклучува валутниот ризик, а тоа влијае поволно на премијата на ризик на државата. Дополнителен фактор кој би влијаел на намалување на каматната стапка претставува и регулаторниот трошок. Еврото како единствено средства за плаќање обезбедува висок степен на одржлива конвергенција што меѓу низата фактори подразбира висока макроекономска стабилност, фискална одржливост и силно и ефикасно институционално опкружување. Стопанството би било конкурентно и поотпорно на шокови, а оценката на инвестицискиот рејтинг значајно подобра. Последнователно премијата на ризик и каматните стапки би биле пониски“, појаснуваат од ТТК банка.
Додаваат дека во услови на експанзивна монетарна политика актуелните економски услови и присутните ризици влијаеја на одложување на ефектот на намалување на каматните стапки во Македонија и регионот во однос на европските земји.
Од Народната банка на Република Македонија (НБРМ) наведуваат дека споредбата на нивото на каматните стапки во различни земји зависи од многу фактори. Како прво кое е општото ниво на каматните стапки во конкретната економија, какви се очекувањата на економските субјекти за инфлацијата, валутата на производот, намената на кредитниот производ, договорената рочност, премиите за ризик итн. Оттука, според нив, не постои единствен одговор дали каматните стапки во Македонија се повисоки или пониски споредбено со другите земји, т.е. во зависност од тоа што ќе се споредува можно е да се добие и различен заклучок за редослодот на земјите по висината на каматните стапки.
Бизнисот секогаш има потреба од кредити со поволни камати
Од бизнис заедницата истакнуваат дека секогаш се потребни повеќе кредити со поволни каматни стапки за стопанството.
Компаниите со добра кредитна историја, посочуваат од Сојузот на стопански комори, немаат никаков проблем да добијат кредит од банките. Исто така, ниту една банка нема проблем да кредитира добар и издржан проект. Но, додаваат, со години наназад зборуваме за развој на претприемништвото, а банките немаат продукт кој би дал импулс на старт ап бизнисите.
Наведуваат дека земјите од Европската Унија имаат позитивни примери, особено во Велика Британија има одлични производи за старт ап компаниите со минимален ризик, бидејќи имаат добри и издржани бизнис планови.
„За да добијам кредит од банка мора да ја оставам својата куќа под хипотека, истакнува, и додава дека во спротивно не може да добие средства од банката“, вели стопанственик од Скопје.
И меѓу граѓаните е мислењето дека се високи каматите и провизиите што ги земаат банките и дека зависно од тоа каде е вработен некој такви се и можностите за да добие кредит.
„Без особен проблем се добива кредит од банките, особено ако граѓанинот работи во некоја постабилна компанија или ако е во државна администрација. Дополнително на тоа влијае и висината на платата. Висината на каматата зависи од кредитот и банката од каде што се зема позајмицата, но генерално сметам дека каматите се високи за нашиот стандард. Маркетиншките трикови се особено значајни за банките што нудат помала каматна стапка во првите две години, да речеме, и која најчесто се рекламира. Дури кога одите во банката за детално да се распрашате ви станува јасно дека, сепак, каматата не е толку колку на рекламата што сте ја виделе на ТВ или на интернет. Дополнително банката ви нуди животно осигурување кое за да го земете кредитот мора да го купите. Но, граѓаните кои најчесто имаат просечни или потпросечни плати за да остварат некој сон или едноставно да покријат некакви трошоци земаат кредити од банките“, вели скопјанка.
Каматите диктирани од монетарна стратегија и макроекономските услови
Од НБРМ истакнуваат дека каматните стапки на монетарната политика т.е. оние што ги определува секоја централна банка зависат од избраната монетарна стратегија и од макроекономските услови во секоја одделна земја поради што и очекувано е да постојат и разлики меѓу овие каматни стапки. Така, каматната стапка на депозитот преку ноќ во НБРМ, како една од каматните стапки што ја определува монетарната политика, изнесува 0,15 проценти, додека каматната стапка на сличен инструмент на Европската Централна Банка (ЕЦБ) е негативна и изнесува -0,4 проценти.
Врз основа на висината на референтните каматни стапки на централните банки се формираат и каматните стапки, како на меѓубанкарските пазари на пари, така и за депозитните или кредитните производи што ги нудат банките. Од НБРМ наведуваат дека по правило каматните стапки на банките треба да бидат повисоки од референтните каматни стапки и од каматните стапки на меѓубанкарските пазари на пари, за соодветни распони што ја претставуваат премијата за ризикот, односно еден вид награда за ризикот што го преземаат банките од финансирањето на приватниот сектор.
Потенцираат дека иако каматните стапки на одделните банки, генерално, на среден и долг рок треба да го следат движењето на овие каматни стапки, сепак, начинот и динамиката на овие промени, се индивидуална одлука на секоја поединечна банка, а може да се разликуваат и по валута, рочност, сектор за кој е наменет и слични карактеристики на банкарските кредити и депозити.
Од банкарскиот сектор наведуваат дека банките реагираат на намалување на основната каматна стапка на НБРМ преку прилагодување на понудата на активните и пасивните каматни стапки.
Основната каматна стапка или каматната стапка на благајничките записи изнесува три проценти и е на историско најниско ниво. Ова олабавување, според НБРМ, во услови на стабилен амбиент и поволни согледувања имаше ефект и врз цената на финансирањето на приватниот сектор преку банкарски кредити. Каматната стапка на вкупните кредити во последните седум години е намалена од 8,4 проценти во 2011, на 5,7 проценти во 2018 година.