Специјалното јавно обвинителество попладнево до Кривичниот суд поднесе предлог за одредување на притвор на двајца осомничени во случајот „Труст“. СЈО ја бара оваа мерка за првоосомничениот Сеад Кочан, сопственик на фирмата „Транс мет“, како и за Василије Авировиќ, овластен потписник на фирмата „Силекс нематели СТ“. Причините за кои бара притвор се: опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.
Одлуката ја носи судија на претходна постапка за која треба да се произнесе во рок од 48 часа.
Како што објави НОВАТВ, Сеад Кочан засега не се огласи по прес конференцијата на СЈО, а второсомничениот Авировиќ тврди дека тој не ставал потпис на документите за тендерот на ЕЛЕМ.
Од ЕЛЕМ, пак, за НОВАТВ изјавија дека ќе пратат соопштение поврзано со тендерот за ископ на јаглен од Суводол, за кој се осомничени сопствениците и фирмите „Транс мет“, „Силекс нематали СТ“ и „ВАТО“.