Шпанскиот премиер Маријано Рахој апелираше до каталонскиот лидер Карлес Пучдемон да „делува разумно“, бидејќи се приближува рокот кој североисточниот регион го доби за да се откаже од намерата за независност. Вицепремиерката Сораја Саенс де Сантамарија се закани со привремено укинување на автономијата на Каталонија.

-Барам од Пучдемон да делува разумно, на балансиран начин, да го стави интересот на граѓаните во прв план, порача Рахој во шпанскиот парламент.

АФП пренесува дека неговата заменичка Саенс де Сантамарија, 24 часа воочи истекот на рокот кој Мадрид и го даде на Барселона, изјави дека Шпанија ќе настојува привремено да ја укине каталонската автономија доколку лидерите на регионот не се откажат од барањето за независност.

-Пучдемон ќе испровоцира примена на членот 155 од Уставот, рече таа во обраќањето пред шпанските пратеници.

Рокот во кој Пучдемон ќе треба да се изјасни истекува утре во 10 часот по локално време.