Вирусот на мајмунски сипаници може да се пренесе од едно на друго лице преку близок контакт со оштетена кожа, слузокожа, телесни течности, респираторни капки и контаминирани материјали, како што е постелнината. Лицата помлади од 40-50 години (во зависност од земјата) може да бидат поподложни на мајмунски сипаници, се наведува на веб страницата на Институтот за јавно здравје .

В понеделник темата за мајмунски сипаници ќе биде на дневен ред и на состанокот на Комитетот за имунизација на населението, а според информациите, прашањето за имунизација против ова заразно заболување ќе биде поставено како една од точките за кои ќе заседава Комитетот.

Комисијата за заразни болести вчера изрази загриженост поради ширењето на ова заболување во светот и тоа надвор од оние ендемични базени. Оттаму нагласуваат дека сепак нема потреба од паника во јавноста. Сепак, целта е здравствениот систем да се подготви колку што е можно подобро за одговор на евентуална епидемија – веќе се преговара со СЗО за набавка на тестови и лекови за евентуална појава на заразени со овие сипаници и кај нас.

Како се пренесува вирусот?

– Преносот од човек на човек може да настане при близок контакт со респираторни секрети, оштетувања на кожата на заразено лице или неодамна контаминирани предмети. Преносот преку респираторни честички обично бара продолжен контакт лице в лице, што ги става здравствените работници, членовите на домаќинството и другите блиски контакти на активни случаи во поголем ризик. Сепак, најдолгиот документиран синџир на пренос во заедницата се зголеми во последниве години од шест на девет последователни инфекции од човек на човек. Ова може да го одрази опаѓањето на имунитетот во сите заедници, поради прекинот на вакцинација против големите сипаници. Преносот може да се случи и преку плацентата од мајка на плод или за време на близок контакт за време и по раѓањето, се вели во информацијата од ИЈЗ.

Децата повеќе на удар 

Симптомите на мајмунски сипаници обично траат од 2 до 4 недели, а може да се јави и тешка клиничка форма. Во последно време, смртноста е околу 3 до 6 отсто.

– Тешките случаи се јавуваат почесто кај децата и се поврзани со степенот на изложеност на вирусот, здравствената состојба на детето и природата на компликациите. Основните имунолошки недостатоци може да доведат до полош исход. Иако вакцинацијата против големи сипаници даваше заштита во минатото, денес лицата помлади од 40-50 години (во зависност од земјата) може да бидат поподложни на мајмунски сипаници поради престанокот на кампањите за вакцинација против големи сипаници на глобално ниво, по искоренувањето на болеста, предупредуваат епидемиолозите.

Иако стравот од ширењето на вирусот на мајмунски сипаници се зголемува  во регионот и во Европа, сепак лекарите смируваат дека нема потреба од паника.    

Епидемиологот д-р Драган Даниловски за „Студио 10“  изјави дека „премногу силно се изреагира од светските здравствени агенции и медиуми“.  

– Целата работа со мајмунските сипаници ми личи како на една лоша драма. Мислам дека премногу силно се изреагира од светските здравствени агенции, нашите медиуми. Јавноста ја крена топката многу високо и сега сите се во вчудоневидување. Дали е мутиран вирус, ќе му направат мутација и ќе стане опасен, тоа се дел од коментарите, но јас мислам дека нема простор за страв, вели д-р Даниловски.

Отекување на лимфните јазли е карактеристично за мајмунските сипаници

Периодот на инвазија трае помеѓу 0-5 дена и се карактеризира со треска, интензивна главоболка, отекување на лимфните јазли, болки во грбот, болки во мускулите и интензивен замор и недостиг на енергија.

Отекување на лимфните јазли е карактеристично за мајмунските сипаници и ги разликува од другите болести кои првично може да изгледаат слично (овчи сипаници, мали сипаници, големи сипаници).

Промената на кожата започнува во рок од 1-3 дена по појавата на треската. Осипот го зафаќа лицето и дланките на рацете и стапалата. Засегнати се и оралните мукозни мембрани, гениталиите и конјунктивите, како и рожницата. Бројот на лезии варира од неколку до неколку илјади. Во тешки случаи, лезиите може да се спојат додека не се отстранат големи делови од кожата.

Наликуваат на големи сипаници

Клиничката презентација на мајмунските сипаници наликува на големи сипаници, инфекција која беше прогласена за искоренета ширум светот во 1980 година.

Вакцините користени за време на програмата за искоренување на големите сипаници, исто така, обезбедуваат заштита од мајмунски сипаници. Развиени се и понови вакцини, од кои една е одобрена за превенција од мајмунските сипаници.

Мајмунските сипаници сe манифестираат клинички типично, со треска, осип и отечени лимфни јазли и може да доведат до низа здравствени компликации.

– Додека блискиот физички контакт е добро познат фактор на ризик за пренесување, во моментов не е јасно дали мајмунските сипаници може да се пренесат конкретно преку сексуални патишта на пренос. Потребни се студии за подобро да се разбере овој ризик, нагласуваат  од ИЈЗ.

Неодамнешните нови, повеќе од 250 случаи пријавени во 16 земји до 22 мај, според СЗО, се нетипични, бидејќи се јавуваат во земји каде што мајмунските сипаници, болест која се пренесува преку шуга, не е ендемична.

Компликации – пневмонија, воспаление на мозокот, сепса, губење на видот

Компликациите од мајмунските сипаници вклучуваат секундарни инфекции, бронхопневмонија, сепса, воспаление на мозокот и инфекција на рожницата на окото со последователно губење на видот.

Преку неколку студии, докажано е дека вакцинацијата против големи сипаници е околу 85 отсто ефикасна во спречувањето на мајмунските сипаници. Претходна вакцинација против големи сипаници може да резултира со полесна клиничка слика при заразување со мајмунски сипаници. Доказите за претходна вакцинација против големи сипаници обично може да се најдат во вид на лузна на надлактицата. Во моментов, оригиналните вакцини против големи сипаници повеќе не се достапни за пошироката јавност.

Една понова вакцина  беше одобрена за превенција од мајмунски сипаници во 2019 година. Ова е вакцина со две дози за која достапноста останува ограничена.

Според претставникот Ролф Сас Соренсен, Bavarian Nordic е единствената фирма во светот чија вакцина против мајмунски сипаници е одобрена од регулатор. Моментално е можно да се произведат 30 милиони дози годишно. 

Фирмата сака вакцината да биде одобрена во ЕУ и веќе презема чекори кон тој правец. Според Соренсен, фирмата прима многу прашања за вакцината, но не откри кои земји купиле од вакцината и колку дози.

Каде во светот има моментална епидемија на мајмунски сипаници

Бројот на потврдени случаи на мајмунски сипаници ширум светот до денеска достигна 291, но заразата  не е ендемична, се вели во извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Заклучно со 21.05.2022, вкупно 92 лабораториски потврдени случаи и 28 сомнителни случаи на мајмунски сипаници се пријавени до СЗО, од 12 земји-членки кои не се ендемични за вирусот на мајмунски сипаници, во три региони на СЗО. Досега не е регистриран смртен случај.

Подготви: Љ.Б.

(ИЗВОР: WHO, Институт за јавно здравје на РСМ)