Годишната инфлација во Турција се зголеми на 73,5 отсто во мај, што е највисока стапка во последните 24 години, пишува денес порталот Политико.

Меѓу најпогодените сектори се транспортот, каде цените се зголемија за 107,6 отсто на годишно ниво, и храната, каде што трошоците се зголемија за 91,6 отсто, покажуваат податоците на Турскиот статистички институт објавени во петокот.

Тоа е највисокото ниво на инфлација во Турција од 1998 година, една година пред земјата да усвои сеопфатна програма за дефлација поддржана од ММФ.

Турската централна банка одби да ги зголеми каматните стапки и покрај инфлацијата, одржувајќи ги непроменети повеќе од пет месеци.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган особено се спротивстави на мерката, кој на крајот на мај рече: „Оние кои се обидуваат да ни наметнат врска помеѓу референтната стапка и инфлацијата се или неписмени или предавници“.